Учениците од 10-те прилепски основни училишта на плоштадот „Методија Андонов Ченто“, традиционално, во пресрет на празникот 11 Октомври го формираа македонското знаме. Со тоа во Прилеп и официјално почнаа одбележувањата на 82-годишнината од почетокот на Народното востание.
Во чест на празникот меморијалниот музеј „11 Октомври“ цел ден и цела вечер, а и утре на празникот, ќе биде отворен за посетителите. Музејот, некогашниот участок е местото каде со нападот на групата на одредот „Гоце Делчев“ на 11 октомври 1941 беше означен почетокот на народното и последно, победоносно востание за создавање македонска самостојна и независна држава. Во последно време зголемен е интересот за посета.
– Овој чин нас нè прави горди и говори за љубовта кон татковината и почитта кон нејзините историски вредности, кои се втемелени во сите сегменти од нашиот град и држава, за слобода и демократија на македонскиот народ, како и за создавањето и градењето на почит кон татковината од најмлада возраст, како клучен фактор за развивање на чувството кај младите луѓе да си ја сакаат, почитуваат, штитат и чуваат татковина, и да ги почитуваат сите нејзини национални белези и симболи-рече градоначалникот Борче Јовчески
Во чест на празникот, во 18 часот во фоајето од Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе биде отворена годишната изложба на членовите на Друштвото на ликовните уметници од Прилеп. Во 18, 30 часот во градската библиотека „Борка Талески“ ќе се чествува празникот со манифестацијата „Октомвриска ноќ: Прослава на уметноста и поезијата“ во спомен на хероите од НОБ и револуцијата. Ќе биде отворена изложба од академскиот сликар Сергеј Андреевски, а ќе се чита избор песни од Петре М. Андреевски и од Светлана Христова Јоциќ.
Централното чествување е од 19 часот на камената бина на плоштадот „Александрија“. Ќе има музичко сценски изведби, рецитал „Октомври“, а потоа се традиционалниот огномет и импровизираниот напад на градот како потсетување на виорните времиња на 11 октомври 1941 година.
Утре, на празникот, делегации од Сојузот на борците, од Владата, Парламентот, од локалната самоуправа и граѓани ќе се поклонат и ќе положат венци и свежи цвеќиња пред спомениците на Методија Андонов Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ и на Кузман Јосифоски-Питу, идеологот на Револуцијата, во центарот на градот, а потоа и на Могилата на непобедените каде се наоѓаат моштите на 650 борци што ги дал Прилеп во НОБ и Револуцијата.