Џамијата со златна купола во Ерусалим, третото најсвето место за муслиманите по Мека и Медина се наоѓа во огнот на војната во Израел – а западните медиуми анализираат дека тоа е најчувствителното место во војната. Откако лидерот на Хамас во саботата рече дека нападот врз јужен Израел бил извршен во одбрана на Ал Акса и дека операцијата била наречена „Поплава Ал Акса“ се поставува прашањето – зошто оваа џамија има такво значење и како таа стана симбол за прокси-војните изминатите години?
Џамијата е спомната во Куранот. Според стиховите пророкот Мухамед бил понесен да дојде до џамијата ноќе поаѓајќи пд Мека. А од таму Мухамед се вознел на небото – нешто што се нарекува Мираџ. А куполата на џамијата ја засолнила карпата од кадешто Мухамед физички се искачил.
Џамијата била изградена пет години по смртта на Мухамед во 637 година, а оттогаш повеќепати е уништувана, па обновувана. Сегашната зграда датира од 11 век. Таа се наоѓа блиску до важни еврејски и христијански религиозни места, особено местото на Првиот и Вториот еврејски храм.
Ал Акса се преведува и како „благородно светилиште“ и „најдалечно светилиште“ – иако најдалечното светилиште го симболизира и самиот Ерусалим. Таму 15 векови муслиманите одат на аџилак.
Во 1967 година џамијата беше анектирана од Израел при окупацијата на Источен Ерусалим. Израелската влада му ја додели џамијата на исламскиот вакаф и дозволи влез на различни групи, меѓу другото и на христијанските аџии.
Интересено е што многу Израелци ја почитуваат светоста на местото како најсвето место во јудаизмот. Во 2005 година, главниот рабинат на Израел рече дека е забрането Евреите да одат на местото за да избегнат случајно да влезат во Светињата над светињите – внатрешното светилиште на Храмот, за кое се верува дека е Божјото живеалиште на земјата.
Сепак, одредени ултраортодоксни еврејски групи се залагаат за поголем пристап и контрола на локацијата, барајќи да ја вратат историската планина на Храмот, со цел да го обноват храмот.
Во 1969 година еден христијанин од Австралија, Денис Мајкл Рохах се обиде да ја запали Ал Акса. Во обидот тој уништи една декорација наречена минбар кај местото за проповед.
Во септември 2014 година израелската полиција употреби солзавец и шок-бомби врз Палестинците во Ал Акса. Ова предизвика меѓународен револт. Во август 2019 година израелските безбедносни сили истрелаа звучни гранати во комплексот на џамијата.
На 28 септември 2000 година, израелскиот опозициски водач Ариел Шарон и делегација чувана од стотици израелски полицајци влегоа во областа. Ова предизвика протести и насилно задушување од страна на израелските власти, со повеќекратни жртви.
Многу муслимани ширум светот го сметаа ова за „ сквернавење“ на светата џамија, а настанот помогна да се разгори палестинското востание наречено Втората интифада.