Акцелераторот за третман на онколошки пациенти повеќе од 10 години стои неупотребен. Немедицински кадар незаконски земал пари за дежурства. Само лани добиле 15.000 евра, а заедно со на лекарите и сестрите по овој основ и без согласност од Министерството за здравство исплатени се 600.000 евра.
Ова и низа други неправилности во финансиското работење на ЈЗУ Клиничка болница-Битола го утврдиле во последната ревизија државните ревизори.
Акцелераторот е за третман на онколошки заболувања, а набавен бил од Министерството за здравство во периодот од 2012 до 20177 година и чинел близу 2,7 милиони евра.
„Со направениот увид на ЕСЈН врз основа на објавените огласи за јавни набавки и известувања за склучени договори утврдивме дека Министерството има спроведено повеќе постапки во врска со овој аксцелератор. Имено, во текот на 2012 година, склучен е договор за набавка на линеарен аксцелератор во вредност од 1,6 милиони евра, а за поставување на истиот во 2013 година склучен е договор за изградба на бункер во вредност од 761 илјади евра. Во текот на 2017 година е склучен договор за набавка на онколошки информациски системи, системи за запишување и верификување на радиотераписки третман во вредност од 403 илјади евра“, пишува во извештајот на ДЗР.
Ревисорите препорачале акцелераторот да се стави во функција.
„Имајќи ја предвид потребата од подобрување и зголемување на достапноста на онколошките здравствени услуги и рационалното користење на буџетските средства, ревизијата укажува дека е потребно во најкус можен рок да се преземат активности од страна на Болницата во соработка со Министерството за здравство за ставање на апаратот во употреба“, се наведува во Извештајот на ДЗР.
Од болницата одговориле дека недостига дополнителна опрема за функционирање на акцелераторот и немаат квалификуван кадар.
Во извештајот на ДЗР се наведува дека задолжителните здравствени услуги се недостапни за граѓаните, а од извршениот увид во податоците генерирани во „Мој Термин“, ревизорите утврдиле дека на ниво на Болницата во текот на 2022 година во просек се креирани/достапни за пациенти само 39% од законски задолжителните термини за здравствени услуги.
Одговорните лица на болницата, се наведува во извештајот, како причина за настанатат состојба се наведени дефицитарниот кадар во определни организациони единици како и вршење на прегледи без закажан термин во Мој термин, за што, ревизорите не виделе докази.
Ревизорите утврдиле дека во болницата практика е дел од работното време да се реализира преку 12 часовно до 24 часовно дежурство по што се користат повеќе слободни денови, а часовите поминати во дежурство се сметат како часови поминати во полно работно време.
Имало неправилности и при исплатата на околу 114.000 евра за прекувремена работа на 303 вработени. Дел од вработните работеле над дозволениот максимум, а не бил известен трудовиот инспекторат да врши контроли.
Болницата во изминатата година и години наназад не се погрижила ниту да го наплати сработеното.
„Воспоставила пракса ненаплатените побарувањата за извршени здравствени услуги на крајот од годината без предлог на пописна комисија и одлука на Управниот одбор, да ги евидентира како сомнителни и спорни поради што неосновано е намалена состојбата на вкупните побарувања во износ од приближно 1,6 милиони евра од кои 1,4 мииони евра се постари од 5 години“.
фото: МИА