Денес во Црвена Вода и Белчишта,се одбележа јубилејот 80 години од издавањето на Манифестот на ГШ на НОВ и ПОМ, до македонскиот народ, на 03 Октомври 1943 година, Ден кој е патронен празник на општина Дебрца.
Во село Црвена Вода се посети Спомен собата на ГШ НОВ и ПОМ и се одржа историски час, а во село Белчишта се промовираше обновената Спомен соба од НОБ.
Градоначалникот Зоран Ногачески во своето обраќање пред присутните посебно го истакна следното:
Манифестот до македонскиот народ, од 1943 година, по своето значење, е еднаков со Крушевскиот манифест од 1903 година и во него е претставена платформата на македонската државност , односно Асномска Македонија.
Во Дебрца се испишани најсветлите страници од македонската историја. И во времето на Светиклиментовата Кутмичевица и во илинденскиот период и во текот на НОБ. Тука се исковани најголемите придобивки од НОБ.
Затоа, имаме обврска, но и аманет од нашите претци да се однесуваме одговорно кон нашата историја и нејзините придобивки.
Нашата визија е да го унапредиме овој крај, да ја вратиме душата на Дебрца, да го сочуваме нејзиното богато природно, културно и историско наследство. Наследство кое не е само наше, на општина Дебрца и Македонија, туку е и светско наследство.
Затоа и во наредниот период упорно и посветено ќе работиме да се сочува интегритетот на Дебрца, нејзината епска димензија и еколошка иднина.