Победата на Украина против Русија зависи од соработката меѓу Киев и Европската унија, изјави претседателот Володимир Зеленски пред шефовите на дипломатијата на ЕУ собрани во Киев.
– Сигурен сум дека Украина и целиот слободен свет се способни да победат во овој конфликт. Но, победата директно зависи од нашата соработка – рече Зеленски, соопшти украинското претседателство.
Зеленски предложи серија мерки за ставање крај на војната, вклучително и дополнителни санкции за Иран, снабдувачот на експлозивни дронови што Москва масовно ги користи за своите напади врз Украина.
Во септември, Русија употреби повеќе од 500 беспилотни летала „Шахед-136“ од иранско производство против Украина, што е рекорд, според украинската консултантска група „Дифенс експрес“, која предвидува уште поактивна употреба на овие дронови од Москва.
Зеленски повика на поголема акција на ЕУ за да се одобри трансферот на замрзнатите руски средства за финансирање на обновата на Украина разурната од војна. Тоа реновирање се проценува на неколку стотици милијарди долари.
Шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, во септември го осуди „недостигот на политичка волја“ на Западот за решавање на прашањето за трансферот на замрзнатите руски средства.
Западните сојузници замрзнаа повеќе од 300 милијарди евра средства на руската централна банка и неколку десетици милијарди евра различни средства кои им припаѓаат на санкционирани поединци или фирми.