Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска оцени дека со законскиот текст за амнестија нема да се постигнат задоволнителни ефекти.
– Јас искажав мој став и кажав дека тоа е мој став. Цврсто стојам на тој став дека со законскиот текст не се постигнуваат ефекти и дека треба да се размислува стратешки во правец на создавање на услови за да може тие оние кои се на издржување казни, да ги издржуваат казните, а не преку амнестии да ослободуваме простор во казнено-поправни установи – рече Спасовски, одговарајќи на новинарски прашања по првиот академски час на Факултетот за безбедност во Идризово.
Прашан каков е ставот на владејачката партија по однос на ова законско решение, кажа дека политичките ставови за ова законско решение „ќе ги артикулираат пратениците во Собранието“.
Спасовски во саботата рече дека е непотребно носење на закон за амнестија и оти неговата примена нема да ја промени состојбата со пренатрупаноста во затворите. Според него, амнестираните, многу често по излегувањето од затвор, ги повторуваат делата.