Мажот кој попладнево ја активираше експлозивната направа во Клоштар Иваниќ почина од повредите во болница, пренесуваат хрватските медиуми.
Да потсетиме, околу 18:40 часот во полиција било пријавено дека повозрасно машко лице се обидело да се самоубие со експлозивна направа и притоа е тешко повредено. Немаше други повредени. Полицијата на крајот контактирала со него и го однела на лекување.
Неофицијално 24 сата.хр дознава дека станува збор за штитеник на Домот за стари лица кој излегол од домот криејќи се во автомобилот на готвачката.
Полицијата и пожарникарите биле на терен и им забраниле на луѓето да се приближуваат.
– Слушнавме тапа детонација. Веднаш не ја поврзавме со бомба додека соседот од другата страна не рече дека човек со седа коса и бела брада лежи на тревата и вика дека има друга бомба. Бевме ужаснати. Моите деца штотуку поминаа по тој пат додека се враќаа од училиште. Станува збор за пензионер кој живее во домот „Аура“ и кого го видовме како лута по улиците, мрмори и вели дека му е доста од сѐ. Не разговарав лично со него, но брзо се прошири веста за него – изјавил жител на улицата каде што била опсадата.
Целата улица со неверување ја следела полициската акција.
– Никогаш не сме имале толку многу полиција и итните служби во градот, а камоли на улицата. Во моментов слушаме дијалог помеѓу два машки гласови, од кои едниот зборува со смирен тон и му се обраќа со господине, додека другиот глас, веројатно тој што се заканувал и лежи на земја, со прекини комуницира. Не разбираме што зборуваат затоа што за наша безбедност нѐ преместија до крајот на улицата – додаде друг жител од Клоштар Иваниќ за Јутарњи лист.
– Вечераше и само излезе. Тој е еден од најмирните жители од вкупно четириесеттина сместени во моментов во Домот. Немам поим што се случи со него и зошто го направи тоа бидејќи немаше индикации дека такво нешто може да се случи. Имаше бомби во џебот. Не знам од каде ги добил бомбите. На нашето одделение е три години, а претходно во истиот дом беше сместена и неговата сопруга, која почина пред околу три години. Кога точно излезе, ќе ги погледнам снимките од CCTV, па ќе знам повеќе. За среќа освен него никој не е повреден, а тој е тешко повреден и лежи, имало многу луѓе на улицата. Колку што слушнав, оштетено е само стаклото на една кола – шокиран изјави Драган В., сопственик на Домот за стари и изнемоштени лица каде што бил сместен Анто М.
Преплашената готвачка на Домот за стари и изнемоштени лица на истокот на Загребската жупанија во последен момент избегнала смртна опасност откако во центарот на Клоштар Иваниќ беше преплашена од 86-годишниот вооружен старец.
Според неофицијални информации, тој од засега непозната причина побегнал од својата соба и се вовлекол на задното седиште од нејзиниот автомобил и таму се сокрил. Таа не го забележала до улицата Школска во Клоштар, кога тој се открил и ѝ се заканил со експлозив. Таа веднаш ја отворила вратата, побегнала и успеала да повика полиција.