Албанскиот премиер Еди Рама во четвртокот ги повика КФОР, меѓународните мировни сили под водство на НАТО алијансата, да ја преземат контролата врз северно Косово за да се спречи поголем конфликт, јавува Анадолија.
„За да се спречи овој конфликт на кој било начин и со какви било средства, кој денес изгледа поверојатно од кога било досега, КФОР мора да ја преземе контролата врз северот на Косово. Ова е предлог што го дадов претходно на самитот на НАТО, а самиот детално објаснив зошто. Секое двоумење сега и одложување, вклучително и аргументот дека „немаме доволно војници“ може да ја направи интервенцијата на КФОР утре многу поголема во однос на војниците, но и потешка“, рече Рама.
Рама посочи дека процесот на нормализирање на односите меѓу Косово и Србија и градењето односи со Србија се стратешки за неговата земја и за албанскиот народ.
Осврнувајќи се на убиството на косовски полицаец на 24 септември и тензиите на северот на Косово, Рама рече дека Србија „наместо да го истражи криминалниот настан, кој беше предизвикан од српска криминална група, а не од косовската полиција“, избра да да им оддаде почит на убиените напаѓачи и да прогласи ден на жалост.
Полицаецот Африм Буњаку и најмалку тројца напаѓачи од српска националност загинаа во судири меѓу косовската полиција и вооружена група во Бањска, општина Звечан.