Поранешниот градоначалник и актуелен лидер на новото Демократско движење Изет Меџити смета дека сè уште постои соработка меѓу ДУИ и екс-премиерот Никола Груевски. Тој праша „зошто на Груевски му било дозволено да избега од земјава преку Албанија“.
– Зошто Груевски наместо од Македонија, преку Србија да стигнеше во Унгарија, отиде преку Албанија? Другата дилема е зошто Сашо Мијалков е баш во затворот со кој управува ДУИ? Трето, ДУИ никогаш не била вклучена во казина, брзи кредити, во некои сегменти на енергетиката, значи очигледно е кој е менторот на ова раководство на ДУИ – рече Меџити во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.
Меџити ги повтори тврдењата дека шефот на државата Стево Пендаровски преговарал со челници на ДУИ за враќање на Груевски, на Денот на НАТО – 4 април.
Пендаровки претходно демантираше такво нешто, и рече дека на тој ден имал средба имал единствено со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.
Меџити синоќа излезе со коментар дека високи експоненти на ДУИ побарале од Пендаровски „да го врати Груевски од Унгарија“.
– На денот на НАТО високи експоненти на ДУИ бараа и го молеа Претседателот по секоја цена да го врати Никола Груевски доколку сака земјата да има перспектива – рече поранешниот висок функционер на ДУИ Изет Меџити.
Тој иронично додаде дека, со ваквата ситуација на политичката сцена, и поранешниот премиер може да биде дел од тнр. Европски фронт.
– Ако гледаме што се случува со измените во Кривичниот законик, со ситуацијата во Будимпешта, со континуираното отворање на казина и брзи пари, кои се легално лихварство, овој фронт повеќе личи на сицилијански фронт – рече Меџити на прашање дали ДД ќе се приклучи на Европскиот фронт на Груби.
Според Меџити, Европскиот фронт е само фарса и дава празни ветувања за да ѝ го продолжи животот на владата до следните парламентарни избори.
Меџити одговори и на обвинувањето на Зијадин Села дека го киднапирал пратеникот Кастриот Реџепи, велејќи дека Села треба да биде благодарен што Реџепи ја спаси европската интеграција на земјата, и го спречи Села да ја направи најголемата грешка во кариерата која што ќе ставеше крај на неговиот политички живот, односно да коалицираше со Апасиев.
– Ако Кастриот беше киднапиран, по ослободувањето ќе се вратеше во својата партија, немаше да седи со мене и да го основаше ДД – рече Меџити.