Oбвинителството на Косово потврди денеска дека го пронашло мртвото тело на уште еден од осомничените напаѓачи на северот на земјата, со што бројот на убиените од редовите на вооружената и маскирана група која вчера изврши напад врз косовски полицајци во селото Бањска во северно Косово, се искачи на четири, јави дописникот на МИА од Приштина.
Мртвото тело на напаѓачот е пронајдено на околу 1,5 километар од местото на инцидентот, еден ден откако група од десетици вооружени лица ја нападна косовската полиција.
Веста за Радио Слободна Европа ја потврди обвинителот Наим Абази, кој рече дека на местото на настанот е пронајдено уште едно возило полно со оружје.
– Се обидуваме да го легитимираме бидејќи во моментот немаше никакви документи за идентификација со себе – рече Абази.
Соединетите Американски Држави најостро ги осудиja вчерашните „координирани“ насилни напади врз полицијата на Косово во близина на манастирот Бањска и изразуваат длабоко сочувство до семејството на косовскиот полицаец убиен за време на служба.
Како што изјави државниот секретар Ентоно Блинкен денеска, „сторителите на ова злосторство мора да бидат повикани на одговорност преку транспарентет процес“. Тој ги повика Белград и Приштина да се воздржат до секакви акции или реторика.