Топлификација во стечај ја продава топланата Скопје Север. Продажбата на акциите на топланата ја побарала Комерцијална банка каја е и еден од доверителите во стечајната постапка. Информацијата ја објави Македонска берза.
„Ве известуваме дека на 25.09.2023 година на барање на членката Комерцијална Банка, по пат на јавна берзанска аукција на акции при продажба на големи пакети на акции, од страна на продавачот Топлификација АД Скопје-во стечај ќе се понуди за продажба пакет од 77.414 обични акции издадени од Скопје Север АД Скопје што претставува 99,98% од основната главнина на друштвото, со почетна продажна цена од 482 денари по акција преку моделот – се или ништо“, се вели во објавата од Берзата.
За купување на акциите на топланата можат да се јават правни и физички лица. Се поставува прашањето дали на оваа аукција ќе се јави и ЕСМ производство на топлинска енергија која обезбедува парно за Скопје.
Останатите две скопски топлани се сопственост на „Адора инженеринг“ која лани ги даде под закум на државната ЕСМ за производство на топлина.
Ова е втор обид да се продаде топланата. На првиот обид да се продаде Топланата во октомври лани цената на акцијата беше 780 денари.