Во моментот кога го видоа играчот со број „10“ како го напушта теренот, а беше 37. минута од натпреварот, за солиден број навивачи на американската верзија на Интер, тоа беше крајот на играта.
Сцените на масовно напуштање на трибините по излегувањето на Лионел Меси поради повреда, можеби најдобро потврдуваат нешто што често можеме да го слушнеме како фраза – дека американските професионални лиги се всушност лиги на играчи, а не клубови.
Како поинаку да се опишат сцените од дуелот меѓу Интер и Торонто, кога пред крајот на првото полувреме имаше гужва на излезите од стадионот во Мајами. Причината? Само што најголемиот фудбалер кој некогаш играл во МЛС лигата нема да може да игра во остатокот од натпреварот.
Да останеа, навивачите на Лионел Меси можеа да уживаат во убедливата победа на избраниците на тренерот Херардо „Тата“ Мартин, таа заврши со резултат 4:0, но очигледно не потрошија стотици долари за да го гледаат тимот, туку неговата најголема ѕвезда.
Кога сме кај цените на билетите, доаѓањето на Меси во САД не само што му донесе огромни профити на клубот од Флорида, кој е во сопственост на Дејвид Бекам, туку и на други франшизи. Во просек, без разлика дали Интер игра дома или на гости, билетите за натпреварите на „Росих“ поскапеле за (пазете ова) 500 проценти!
На пример, најскапите билети за гостувањето кај Мајами во Њујорк беа по цена од 10.000 долари, а кога неодамна Интер играше со Круз Азул во финалето на Лига купот, најевтините билети за стадионот во Нешвил беа пуштени во продажба по цена од 460 долари. а во меѓувреме скокна на 2.600 долари.
Повторуваме, најевтино.