Поранешниот градоначалник на општина Центар, Владимир Тодоровиќ се спаси од обвинение во истрагата „Феникс“ благодарение на измените на Кривичниот законик.
Тодоровиќ беше осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување, за дела сторени во 2013 година, но со законските измени, наместо во 2043 година, застарување се случува годинава. Истрагата за проектот „Скопје 2014“ почна во јуни, кога и Тодоровиќ доби мерка за претпазливост, куќен притвор. Но таа мерка била укината минатиот петок.
А мерката е укината затоа што застарувањето на делото годинава не дава простор да заврши судењето и да се докаже дали Тодоровиќ го сторил делото кое му се става на товар или не, бидејќи ваквиот тип на судења речиси без исклучок траат со години. Сепак, останува меѓу осомничените сè додека фактички не настапи застарување на делото.
Доколку истрагата биде запрена, Тодоровиќ од судот може да бара да му биде исплатена отштета поради тоа што два и пол месеца неосновано бил во куќен притвор.
Во „Феникс“, освен Тодоровиќ, осомничени сè уште 14 други лица, меѓу кои експремиерот Никола Груевски, како и поранешните министри за финансии и култура, Зоран Ставрески и Елизабета Канческа-Милевска, но и италијански граѓанин. Истрагата опфаќа седум правни лица, од кои три се правни лица од Италија.