Граѓаните наскоро ќе мора да го селектираат отпадот за да ја намалат сметката за ѓубре бидејќи комуналните претпријатија својата услуга ќе ја наплаќаат според количината на направениот отпад, а не според површината на живеалиштето како што беше досега. Министерството за животна средина подготвува нов правилник и методологија за пресметка за отстранување на ѓубрето. Цената ќе биде различна за секој регион во земјата, а ќе ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика, која наскоро ќе ја добие и оваа обврска.
На овој начин, сметаат од Министерството за животна средина, преку сметките за ѓубре, граѓаните во иднина ќе се мотивираат повеќе да селектираат отпад бидејќи нивните сметки ќе се намалуваат пропорционално со количината на селектираниот отпад. Дополнително со ова ќе се прифати и европскиот начин на пресметка на цената на отпадот.
Непознато е кога точно ќе почне да се применува новиот начин на плаќање на подигнатото ѓубре, бидејќи според Законот за управување со отпад, тарифата за отпад требаше да се применува од 1 август 2023 година, а најдоцна до 31 декември 2023 година. Сега од Министерството за животна средина велат дека Регулаторната комисија за енергетика треба да го подготви новиот Правилник за утврдување на тарифа на услуга за управување со комунален отпад во првото полугодие од следната година.
Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека утврдувањето на цената на отпадот моментално не е нивна надлежност.
– Регулаторната комисија за енергетика првин треба да ја добие оваа обврска од Собранието за да може да работи на документите бидејќи областа отпад не е во надлежност на РКЕ – велат од Регулаторната комисија за енергетика.
Новиот начин на пресметка на услугата за собирање на ѓубрето за граѓаните веќе е содржан во Законот за управување со отпад член 105 во кој се предвидени три можности.
„Тарифата за отпад се определува врз основа на количеството и видот на отпадот и истата може да се утврдува според единица мерка и тоа денар по метар кубен, денар по квадратен метар за станбена, односно дворна површина или денар по килограм во согласност со Правилникот за тарифа за отпад. Тарифата за отпад се определува за секој регион за управување со отпад одделно. Видовите и начинот на пресметка на тарифата за отпад, структурата на тарифите за секоја услуга за отпад посебно, видовите на трошоците кои се земаат предвид за пресметка на тарифата за отпад и потребните приходи за покривање на тие трошоци, како и нивните карактеристики и начинот на нивно прикажување за секој регион одделно, кои се определуваат со овој Правилник го донесува Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги“, стои во членот 105 од Законот.
Она што е познато е тоа дека граѓаните ќе треба да поседуваат две канти за селекција на отпадот во кои ќе го одлагаат сувиот и мокриот отпад. Планирано е кантите за селектиран отпад да се обезбедат преку заемот од ЕБОР и со ИПА грант.
– Согласно нациналните политички документи за управување со отпад комуналниот отпад граѓаните ќе треба да го селектираат во две канти, за сува и за мокра фракција. Кантите ќе се обезбедат за 5 региони во земјата преку заемот од ЕБОР за Вардарски, Југоисточен, Југозападен, Пелагониски и Полошки, а за Источен и Североисточен регион преку ИПА грант средства – велат од Министерството.
Законот предвидува и глоба од 50 евра за физичко лице доколку не врши селекција и не го одлага отпадот во посебните садови за таа намена. Казните за компаниите пак се движат до 10.000 евра за мешање на отпадот.
Професорот Здравко Савевски кој е и еко-активист вели дека е добро да почне да се применува новиот начин на плаќање на создадениот отпад според количината бидејќи главното правило на екологијата е да се намали загадувачот, а тој што го создава загадувањето да плати за тоа.
– Но, со тоа што доцнат подзаконските акти кои требаше да бидат донесени во однос на законот за управување со отпад, покажуваме дека не сме излегле од практиката кога се има предвид екологијата дека не ги применуваме законите или правиме сѐ тие да не се применуваат подолг период. Имено, практиката покажа дека, со донесување закони од еколошката сфера, воведуваме високи стандарди кои потоа со одолговлекувањето на донесувањето на подзаконски акти и со примена на други подзаконски акти ги обезвреднуваме и фактички се трудиме да не ги применуваме. Тоа е поддржано и од граѓаните кои, иако се прокламираат дека се за владеење на правото, не се подготвени да ги применуваат законите – вели Савевски.
Според него, правилото е секој кој прави отпад и ја загадува околината да плати за тоа.
– Ова го имаме во законите веќе една деценија, но никој не го применува. Не се применува ниту уставното начело според кое секој има должност да ја унапредува и заштити животната средина. Затоа она што е потребно сега е институциите да ја преземат одговорноста да почне да се применува законот, а граѓаните да се обидат да го намалат отпадот кој го прават и претходно да се обидат да го реупотребат – додава Савевски.
Сето ова, нема да биде остварливо, ако државата не обезбеди доволен број садови за одлагање на различните видови селектиран отпад, не само две канти за мокра и сува селекција.
– Во Скопје нема доволно контејнери за селекција на отпадот, а за другите градови може да се претпостави – вели тој.
Според податоците на Државниот завод за статистика, само 18,3 отсто од комуналниот отпад лани е селектиран. Лани 40.259 тони биле селектирани како органски отпад (храна, лисја и останато ѓубре), биле селектирани 13.063 тони пластика, 12.178 тони хартија. Во 2022 година сме селектирале 8.373 тони текстил, 3.754 тони стакло, 2.302 тони метал и 1.487 тони гума.
Комуналните претпријатија лани собрале 494.693 тони измешан отпад што е 81,7 отсто од целокупниот отпад собран в земјава. Овој отпад завршил на депониите бидејќи не бил селектиран.