До „Бехтел и Енка“ стигнале само 360 барања за работа. Во моментов се бараат 2.000 работни места, но конечната бројка треба да достигне 8.000 работници
Премиерот Димитар Ковачевски денеска по повод официјалниот почеток на градежните активности на делницата Прилеп – Битола како дел од Коридорот 10д, оцени дека е мал бројот на македонски граѓани кои до сега аплицирале за вработување во конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на патните коридори во земјава.
-„Бехтел и Енка“ во моментов разгледуваат 360 си-вија од македонски граѓани од сите различни профили. И тоа е малку, бидејќи во моментов на конзорциумот му се потребни 2.000 работници – рече Ковачевски.
Тој посочи дека саемите за вработување треба да бидат поттик за сите наши сограѓани, без оглед на возраста, сите оние што се работоспособни и кои сакаат да работат на овој голем проект и во една од најреномираните светски компании „Бехтел“ и нивниот партнер „Енка“.
До сега саеми за вработување се одржаа во Тетово, Гостивар и во Битола, а наскоро ќе се одржи саем и во Прилеп.
– Вакви саеми ќе бидат организирани и во други градови од државата со цел да бидат пополнети со наши македонски работници така како што стои и во договорот – рече Ковачевски.