Мурал во чест на припадниците на единицата „Тигар“ кои се бореа во кумановско Диво Насеље осамна на зграда спроти МКЦ Козјак во центарот на Куманово. Меморијалот го изработија слободни уметници од здружението „Форма Куманово“ кои имаат изработено над 500 мурали и графити во градот.
– На наша и на иницијатива на припадниците на специјалната антитерористичка единица „Тигар“ го изработивме муралот за да им оддадеме почит на припадниците на безбедносните сили. Изработката е поддржана од фирми од Куманово и од министерот Оливер Спасовски – изјави Младен Трендевски од здружението „Форма Куманово“.
Меѓу муралите кои ги има изработено здружението на згради се и оној за Блаже Конески, за Гочце Делчев и за голманот на фудбалската репрезентација Столе Димитриевски.