Балтичките држави Естонија, Летонија и Литванија од денеска ги затворија своите граници за возила со регистерски таблички од Русија, се вели во официјалното соопштение од Естонија.
Во согласност со упатствата на Европската комисија, никој не смее да ја премине границата со Естонија со автомобил со руски регистарски таблички од среда во 10 часот по локално време, соопшти Министерството за внатрешни работи во Талин.
Естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахкна денеска информираше дека Талин се приклучува на мерката објавена од Летонија и Литванија еден ден претходно.
„Почнувајќи од денеска… Естонија ќе го забрани влезот за сите возила со руски регистрирски таблички“ – напиша Цахкна на Твитер.
Естонија, Летонија и Литванија ја применуваат истата регулатива, во услови на поголема претпазливост по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Автомобилите со руски регистарски таблички мора да се вратат назад на надворешните граници на трите земји, кои припаѓаат на Европската Унија и НАТО. Во спротивно, возилата би можеле да бидат одземени.
Чекорот на балтичките земји доаѓа по појаснувањето од ЕК на 8 септември во врска со спроведувањето на санкциите на ЕУ кон Русија. Европската комисијата појасни дека возилата регистрирани во Русија повеќе не смеат да влезат на територијата на ЕУ, без разлика дали се за приватни или комерцијални цели.
– Не можеме да дозволиме граѓаните на агресорската држава да ги уживаат придобивките од слободата и демократијата додека Русија го продолжува својот геноцид во Украина – изјави естонскиот министер.