За мене беше шокантен податокот кога прочитав дека фирмата „Еуровиа” е главен подизведувач на Коридорот 8 на компанијата „Бехтел и Енка” – рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прашање за коментар за таа информација.
– Компанијата „Еуровиа”, како што беше во јавноста кажано, има основано сомневање дека на сомнителен начин добила и тендер од Министерството за надворешни работи за преуредување на спортскиот центар Борис Трајковски, а за потребите на настан кој што го организира министерот за надворешни работи на крајот од годината. И истата таа фирма или фирма поврзана со оваа фирма се јавува како еден од донаторите на партијата Демократска Унија за Интеграција – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
И што е уште пошокантно за мене, додаде Мицкоски, е тоа што во услови кога Македонија се наоѓа на најниско ниво во владеењето на правото, а на највисоко ниво на степенот на корупција и степенот на криминал, ние имаме фирма која што на одреден начин пркоси пред претставниците на меѓународната заедница, од кои дел и вчера беа таму, но претпоставувам и голем дел претставници од меѓународната заедница тоа го гледаат.
– И ако мислите дека тоа ние ќе го премолчиме, нема да го премолчиме, ако мислите дека ќе го заборавиме, нема да го заборавиме. Или ќе владее правото за сите, или нема да не биде. Не може за едни да важи правото, за други да не важи правото. Не може ВМРО-ДПМНЕ за ни приближно сличен случај, да има замрзнат имот и да се влече по судски ходници повеќе од пет години, а обвинителството да е немо за случај во кој што и Државната комисија за спречување на корупцијата вели дека е случај од највисок вид на криминал и корупција, односно компанијата донатор за која што постои основано сомневање дека добива тендери на сомнителен начин. Или ќе важи за сите или нема да не биде. И ако ова мислат, сите претставници на меѓународната заедница, дека ние ќе го премолчиме и ќе бидеме слепи при очи и глуви при уши, се лажат, од каде и да доаѓаат – истакна Мицкоски.