Демократската унија за интеграција го прекршила Законот за финансирање на политичките партии со тоа што во 2022 година примила донации поголеми од законски дозволените, а вишокот пари наместо веднаш, или 15 дена по приемот, како што е предвидено со Закон, ги вратила во јули 2023 година, констатира Државната комисија за спречување на корупцијата.
На денешната 92. седница членот на Антикорупциската комисија Шемши Салаи информираше дека од извештаите на Државниот завод за ревизија утврдено е дека физичко лице на ДУИ ѝ донирало повеќе од законски дозволените средства, дефинирани во членот 16 од Законот за финансирање на политичките партии.
– Партијата одлучила да ги врати тие средства откако констатирала дека примила донација поголема од што требало согласно Законот. Во одлуката стои дека освен физичкото лице, тие констатирале дека и од два правни субјекта добиле поголем износ и одлучиле тие средства да ги вратат во текот на јули 2023 година, но тоа не го сториле во законски предвидениот рок од 15 дена по приемот. Затоа, ние констатиравме прекршување на членот 16 од Законот за финансирање на политичките партии – рече Салаи по денешната седница.
Членот 16 од Законот за финансирање на политичките партии предвидува „вкупниот износ на поединечната донација не смее да ја надмине сумата од 60 просечни нето плати од правни лица и 30 просечни нето плати од физички лица во Републиката, исплатени во претходниот месец и објавени од Државниот завод за статистика“.
Антикорупциска комисија ќе го проследи предметот до Министерството за правда и до Државниот завод за ревизија, кои се надлежни за надзорот над финансиско-материјалното работење на политичките партии. Доколку утврди неправилности, ДЗР поднесува барање за поведување на прекршочна постапка или пријава до надлежното Јавно обвинителство во рок од 30 дена од утврдувањето на неправилноста.
Овој предмет ДКСК го покрена по сопствена иницијатива, откако во фокусот на јавноста дојдоа донациите за ДУИ од фирмата „Еуровиа“, која го доби тендерот на МНР, со кое раководи Бујар Османи од ДУИ, за изведување градежни работи за адаптација на спортската сала „Борис Трајковски“ за потребите на министерскиот состанок на ОБСЕ што треба да се одржи во декември годинава.