Во близина на брегот на Алјаска, морски биолози на бродот на американската Национална океанска и атмосферска администрација (НОАА) открија необичен објект кој изгледа како златно јајце. Истражувачите признаваат дека не знаат за што се работи и сликата создадена во преносот на снимање во живо на големи длабочини ја споделија на социјалните мрежи.
„Оваа златна топка, можеби кожурец или јајце, вчера ја разгоре фантазијата на многумина“ – напишаа од НОАА.
Според податоците што ги споделија од НОАА, сјајниот предмет е нежен на допир, како ткиво на кожата.Тоа би можело да биде обвивка од јајце или остатоци од морски сунѓер, но ДНК тестовите во лабораторија би можеле да откријат целосно ново животно, сосема непознато за науката.
Сликата покажува тркалезна, сунѓереста маса со дупка во неа.
Според Мајами Хералд, истражувач на бродот за време на преносот во живо изјавил дека „нешто се обидело да влезе… или да излезе“.
„Треперливата златна дупка сè уште е неидентификувана“ – објави НОАА.
Американските истражувачи од НОАА во моментов спроведува петмесечно истражување на длабокото море во близина на Алјаска.
48-члената екипа е опремена со уреди за снимање на морските длабочини, како и собирање податоци кои во реално време се споделуваат со истражувачите на копно.
-Толку е возбудливо да се оди таму долу и да се види дека сè всушност врие од живот. Никогаш не би го знаеле тоа освен ако не излезете таму и не истражите – рече координаторката на експедицијата, Шенон Хој.
Истражувачите на Okeanos Explorer се зафатени со мапирање и собирање примероци долж Алеутскиот ров и заливот на Алјаска со помош на камери кои можат да работат на длабочина од 6.000 метри.