Во Комисијата за европски прашања експерсно заврши расправата за предолг-измените на Кривичниот законик, со кои се намалуваат казните за злоупотреба на службена положба и злосторничко здружување, а се скратува рокот за застарување на делата. Со тоа е отворен патот овој предлог многу скоро да се најде на пленарна седница на Собранието.
Предлог-измените на Кривичниот законик Владата ги утврдила на седницата одржана на 29 август 2023 година, но за тоа не ја извести јавноста. Интересно е што на фотографиите од таа владина седница, објавени од владината прес-служба, не може да се забележи присуство на министерот за правда Кренер Лога.
Предлог-измените за одредени членови и образложенијата се напишани на 44 страници. Меѓу нив е предлог за намалување на казните во членот 353 од Кривичниот законик кој се однесува на злоупотреба на службената положба и овластување, а кој најчесто се употребуваше за гонење службени лица и функционери. Намалување на казните има и за делото „злосторничко здружување“ од членот 394. Тие повлекуваат и порано застарување на дел од кривичните дела.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не поднесоа никакви амандмани за измени на предложениот текст, со објаснување дека таквиот обид не би имал смисла, бидејќи измените секако ќе се бидат изгласани.
Предлогот го објасни заменик министерката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ, која рече дека намерата била да се обезбедат јасни, прецизни и цврсти описи на кривичните дела и дека предлог-измените ќе доведат до проширување на опфатот на дела за кои ќе се предвидува конфискација.
Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека измените се погрешни и во интерес на оние кои треба да се соочат со обвиненија за злоупотреби од редот на сегашната власт. Според него ова е груба злоупотреба на европското знаменце бидејќи нема еден усогласен кривичен закон на европско ниво, ниту пак има директива која го налага тоа.
Власта, смета тој, се подготвува за опозиција, па на тие на Онкологија ќе им биде олеснета положбата еден ден кога ќе се соочат со обвинувањата.
Снежана Калеска-Ванчева од СДСМ рече дека од воведувањето на Членот 353 (за службена злоупотреба) постоеле различни мислења на правната и експертска фела кои во најголем дел биле против воведувањето на ова кривично дело на ваков начин. Таа тврдеше дека измените воопшто не значат амнестија бидејќи тие дела се веќе пропишани, додавајќи дека Кривичниот законик има 424 члена, а не само овие. Владеењето на правото, оцени таа, подразбира брза и ефективна правда со јасни законски одредби.
Најголем дел од измените се однесуваат на еколошкиот криминал, но тие според пратемниците од опозицијата, се покритие да се протнат контроверзните кратења на казните за злоупотреба на службена положба и за укинување на членот кој се однесува на јавните тендери.
Целта на донесувањето на овој закон, како што се наведува во Предлогот, е усогласување на Кривичниот законик со меѓународните документи. Предлогот на законот се заснова врз истите начела врз кои се заснова и Кривичниот законик.
Фото: МИА (Архива)