Четири скапи машини за радиотерапија, купени во времето на владата на Никола Груевски, стојат неупотребени во четири различни болници во Македонија.
Според сознанијата на Плусинфо, за овие четири акцелератори, набавени во време на министерувањето на Никола Тодоров, потрошени се вкупно околу 7 милиони евра, но од таа скапа инвестиција пациентите до ден денешен немаат никакво фајде.
Една од овие машини, од брендот “Varian”, е купена за Клиниката за онкологија. Со сите тендерски и технички процедури, вклучувајќи ја и демонтажата на старата машина, овој модерен акцелератор требало да биде во употреба во 2017 година, кога на чело на Министерството за здравство доаѓа Венко Филипче.
Извор на Плусинфо кој сака да остане анонимен објаснува што се случило со оваа машина:
– Филипче набавил помал акцелератор, со цел со таа нова машина да се премости периодот потребен за демонтажа на старата голема машина и за монтажа на новата. За таа операција и за некои дополнителни процедури се потребни неколку месеци, а во тој период не смеело пациентите да се остават без никаква радиотерапија. Тој пристап на Филипче бил добар. Но, не ми е јасно зошто потоа е изгубен фокусот и зошто новата машина воопшто не е инсталирана – вели нашиот извор.
Некаде од 2013 година па до падот на владата на Груевски, се прави обид за дисперзија на лекувањето на онколошките болни со радиотерапија. Идејата била да се формираат регионални онколошки центри во Битола и во Штип, плус уште еден онколошки центар во Скопје. Така сè побројните пациенти, на кои им е неопходна зрачна терапија, би имале пристап до оваа услуга побрзо и поквалитетно, без при тоа сите да патуваат во Скопје и да вршат притисок врз Клиниката за онкологија и радиотерапија во Клиничкиот центар.
Набавени се 3 нови акцелератори од брендот “Elekta” – за болницата “8 Септември” во Скопје, за Клиничката болница во Битола и за новата клиничка болница во Штип. За жал, сите до ден денешен не се ставени во употреба.
Според нашиот извор, во „8 Септември” во Скопје и во Клиничката болница во Битола биле изградени посебни простории или бункери и машините се монтирани. Но, во фазата на техничката постапка за инсталирање на опремата, кој трае подолго време, процесот е запрен.
– За Штип можам да разберам зошто машината не е ни распакувана, бидејќи доцнеше изградбата на новата клиничка болница. Иако и за тоа доцнење нема оправдување, но тоа е посебна приказна. Не ми е јасно како и зошто е изгубен фокусот на „8 Септември“ и на битолската болница да ја користат оваа скапа опрема во интерес на пациентите – вели изворот на Плусинфо.
Детаљи за тендерската рашомонијада и за проблемите околу инсталирањето на оваа опрема во 2021 година објавува Радио Слободна Европа.
И други медиуми во времето на министерувањето на Филипче објавуваат најави за скорешно почнување со работа на новите онколошки центри во Скопје, Битола и во Штип, но и постојани предупредувања за недостигот од персонал и за разни други проблеми од техничка природа. Лани во мај последен што ќе се пофали дека ќе го активира акцелераторот во “8 Септември” е министерот Беким Сали.
Министрите се менуваат, машините за зрачна терапија и натаму стојат “во целофан”. Како е можно вакво катастрофално менаџирање на штета на пациентите?
Скандалот на Клиниката на онкологија, се чини, фрла нова светлина и на овој проблем:
– На прв поглед, сево ова може да личи на неодговорност и на јавашлук. Но, сега, кого читаме што сè се случувало на Онкологија, помислувам дека е можно и некој намерно да го саботирал концептот на владата на Груевски, во чија основа била идејата пациентите да не мора да патуваат до Скопје за радиотерапија, туку да се зрачат во регионални центри. Се прашувам, дали некој на Онкологија или во Клиничкиот центар во Скопје помислил дека на тој начин го губи приматот, кој носи и привилегии, а можеби и нешто повеќе од тоа? – прашува нашиот извор.
Парите на даночните обврзници за скапата опрема се фрлени во ветер, а тие машини најверојатно никогаш веќе нема ни да се употребат, бидејќи технологијата и во оваа област брзо застарува. И никој за овие штети до ден денешен не одговарал.