More

    Се уриваат рекорди: Зошто летово беше толку жешко?

    spot_img

    Ова лето собори температурни рекорди ширум светот. Јули беше најтоплиот месец досега во светот, по најтоплиот јуни досега.

    На 6 јули просечната глобална температура достигна нов врв од 17,23 степени Целзиусови. Ако таа бројка можеби не ви звучи драматично, запомнете дека ја вклучува не само температурата на северната хемисфера, каде што моментално е лето, туку и на јужната хемисфера, каде што трае зимата, пишува Science News Explores.

    Научниците се уште ги бараат сите фактори кои придонеле за историски високите температури кои ги забележавме летово. Едно е сигурно: климатските промени предизвикани од човековата активност носат голема одговорност.

    Топли океани
    Причината за овогодинешните брутални горештини веројатно лежи во океаните на Земјата, велат експертите. Океаните се загреваат со децении, најмногу поради огромната количина на стакленички гасови што луѓето ги испуштаат во атмосферата. Во април оваа година просечната температура на површината на морето во светот изнесуваше рекордни 21,1 степени Целзиусови. Потоплите океани не можат да апсорбираат толку многу топлина од атмосферата, што ја остава топлината во воздухот и доведува до повисоки летни температури.

    Оваа година тој проблем дополнително се влошува со феноменот Ел Нињо. Тоа е дел од природниот климатски циклус кој привремено ја загрева планетата на секои неколку години. Тоа се случува кога западните ветрови над Пацификот се особено слаби, дозволувајќи топла вода да се акумулира во источниот дел на Пацификот, која ја поплавува студената вода од длабочините. Резултатот е „ќебе“ со топла вода што покрива голем дел од тропскиот Пацифик и испушта топлина во атмосферата.

    Можно е оваа појава да го направи ова лето уште пожешко, но новата фаза на Ел Нињо започна дури во јуни, а својот врв нема да го достигне со месеци. Затоа, сè уште е рано да се каже колку Ел Нињо придонел за неодамнешните пеколни температури, велат истражувачите.

    Топлински бранови
    Додека Земјата е генерално потопла од порано, многу области на светот неодамна беа погодени од катастрофални топлотни бранови, вклучително и северно Мексико, Кина, јужна Европа и југозападниот дел на Соединетите држави. Во Феникс, Аризона, 31 последователен ден се забележани температури од 43,3 степени Целзиусови. На 17 јули, нешто по полноќ, долината на смртта во Калифорнија „зоврие“ на 48,9 степени Целзиусови. Тоа е веројатно највисоката температура забележана некаде во тој период од ноќта.

    Топлотните бранови се јавуваат кога моќните ветрови во горниот дел од атмосферата почнуваат да дуваат побавно, што може да предизвика топли „џебови“ со воздух да застојат на одредена област со денови, па дури и со недели. Не е сосема јасно зошто доаѓа до вакво забавување, но истражувањата покажаа дека климатските промени ги прават топлотните бранови почести и полоши.

    Една неодамнешна студија го откри влијанието на климатските промени врз топлотните бранови регистрирани ова лето на северната хемисфера. Истражувачите создадоа компјутерски модели на светот со и без климатски промени, а потоа споредија колку често топлотните бранови се случуваат во едното и во другото сценарио. Во свет без климатски промени, неодамнешните екстремни температури забележани во Кина би се случиле на секои 250 години, а не на секои пет. Топлотните бранови што сега се очекуваат во Европа и Северна Америка на секои десет години би биле речиси невозможни без климатските промени, покажаа моделите.

    Новото нормално
    Една нова неодамнешна студија истражува колку климатските промени се одговорни за екстремните жештини во овој јули. Моделите покажаа дека повеќе од 6,5 милијарди луѓе ширум светот доживеале топлина што климатските промени ја направиле најмалку три пати поверојатно. Ова е повеќе од 80 проценти од светската популација.

    Прерано е прецизно да се анализира цената на толку тешко време. Сепак, стотици илјади смртни случаи се пријавени низ целиот свет, а побарувачката за климатизери ги поттикна стравувањата од недостиг на електрична енергија. Овие проблеми само ќе растат, додека климатските промени предизвикуваат се повеќе и повеќе пеколни горештини како оваа година.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img