„Денеска заедно со претставниците од Агенцијата за млади и спорт и претставниците на медиумите ја искористивме можноста да извршиме увид во реконструираното кошаркарско, повеќенаменско игралиште, во вредност од 3.700.000 денари и да се увериме во заедничките заложби во насока на унапредување на условите за тренинг и физичка подготовка на припадниците на МВР. Со ова ја заокружуваме идејата за реализација на заедничкиот проект на МВР и Агенцијата за млади и спорт, што произлезе од потребата на Одделот за специјални полициски операции за реконструкција на кошаркарското игралиште и поставување на фитнес опрема во кругот на Полицискиот центар ,,Ѓорче Петров“”, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната промоција на кошаркарското игралиште во базата на Единицата за брзо распоредување во Полицискиот центар „Ѓорче Петров”.
„Уверен сум дека соработката со Агенцијата за млади и спорт продолжува и во иднина,со проекти кои имаат сериозно влијание на физичката подготвеност на припадниците на безбедносните служби, бидејќи оваа фитнес зона ќе може да ја користат околу 700 полициски службеници и над 100 припадници на Армијата на Република Северна Македонија. Навистина можам да кажам дека ваквото континуирано и интензивно вложување во капацитетите, особено во Единицата за брзо распоредување, претставува императив за ова раководство на МВР. Задоволството е дотолку поголемо што тоа денес го покажуваме на дело токму два дена пред одбележувањето на 22 години од создавањето на Единицата за брзо распоредување која пак претставува наша гордост и гарант на безбедноста и сигурноста на граѓаните и државата”, рече министерот Спасовски.
Директорот на Агенцијата на млади и спорт, Наумче Мојсовски во оваа прилика рече дека овој проект беше отпочнат заедно со МВР минатата година како придонес кон специјалните единици. „Се надевам дека како Агенција за млади и спорт придонесуваме кон развивање на нашите специјални единици кои не’ чуваат сите нас. Воедно, информирам дека следната година ќе завршиме со спортската стаза во полицискиот центар Ѓорче Петров”, информираше Мојсовски, изразувајќи благодарност до министерот Спасовски за предлогот заеднички да се реализираат овие проекти.
Колку за потсетување, на самиот старт од 2023 година, во Полицискиот Центар „Ѓорче Петров” МВР заедно со Агенцијата за млади и спорт го промовираше Фитнес паркот на отворено, со вкупно осум справи за вежбање на површина од 180,5 м2, проект во вредност од 3 милиони денари.