Српскиот претседател Александар Вучиќ објави дека се сретнал со унгарскиот премиер Виктор Орбан во кармелитскиот манастир во Будимпешта и на својот Инстаграм напиша дека; секоја средба со Орбан е „исклучителна“, но оваа денес има посебна симболика поради големиот унгарски празник Свети Стефан.
„Денес е големиот унгарски празник Свети Иштван, чиј живот, потекло и историска улога во тешките времиња на владеење, трајно ги одбележаа овие простори и ги поставија темелите на унгарскиот суверенитет, како и регионалните можности. Затоа денешната средба е посебна“, напиша Вучиќ.
Претседателот на Србија ја завршува дводневната посета на Унгарија, каде попладне ќе се сретне и со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.
Тој претходно се сретна со претседателот на Унгарија, Каталин Новак.
Во Унгарија, 20 август е најголемиот национален празник, посветен на основачот на таа земја и првиот крал Иштван (975-1038), кој по неговата смрт е прогласен за светец.