Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека снимките од загинатите цивили во Буча биле „нарачани“ од САД како дел од заговорот да се обвини Русија, јавува Скај Њуз.
– Кои се господарите на провокациите? Се разбира, САД и НАТО – изјави портпаролката на Министерството Марија Захарова во интервју за државната телевизија доцна синоќа.
Таа вели дека моменталното врескање на Западот поради сликите на загинатите цивили укажува на тоа дека приказната била дел од планот за нанесување штета на угледот на Русија.
– Во овој случај, ми се чини дека фактот што овие изјави (за Русија) беа дадени во првите минути по појавувањето на овие материјали не остава сомнеж за тоа кој ја „нарачал“ оваа приказна“ – оцени Захарова.
Руското МНР вчера, исто така соопшти дека снимките и видеата кои укажуваат на воени злосторства се „провокација“ и оти ниту еден жител на Буча не настрадал од насилство извршено од руски војник.