Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека снимката од загинатите цивили во украинскиот град Буча била нарачана од Соединетите држави како дел од заговорот за целата вина да се префрли на Русија.
„Кои се мајстори за провокација? Се разбира, САД и НАТО“, рече портпаролката на министерството Марија Захарова во интервју за државната телевизија во неделата, пренесе Ројтерс.
Таа посочи дека брзата реакција на Западот на сцените на загинатите цивили докажува дека приказната е дел од заговор за поткопување на угледот на Русија.
„Во овој случај, ми се чини дека тоа што реакциите пристигнаа неколку минути по ширењето на фотографиите, несомнено докажува дека приказната е нарачана“, рече Захарова.
Таа немала други докази за овие тврдења, пишува Гардијан.
Исто така, рускиот пратеник во ОН Дмитриј Полјански повика на состанок на Советот за безбедност на ОН поради „провокациите на украинските радикали во Буча“, напиша тој на Твитер во неделата.