Во петок навечер (20:30) Баерн гостува кај Вердер и ја отвора сезоната во Бундеслигата откако пред шест дена беше надигран од Лајпциг во германскиот Суперкуп.
„Биковите“ победија со 3:0 во Минхен, Дани Олмо постигна хет-трик, а тренерот на Баерн Томас Тухел по мечот призна дека нема објаснување за лошиот настап на неговиот тим.
„Како да не работевме заедно во последните четири недели“, рече Тухел.
Дебитантот Хари Кејн против Лајпциг играше половина час и се очекува да биде во стартниот состав во Бремен. Исто така, се очекува значително да го подигне квалитетот на гигантите.
„Ефектот Хари Кејн нема да испари. Има силен карактер и ќе има влијание во овој тим бидејќи е многу добар фудбалер. Кога имаш таков ас на теренот – шансите за победа ти се многу поголеми, иако знам дека не е можно да триумфираме на секој натпревар. Сепак, тој ни дава многу опции и ќе видите како изгледа на теренот“, додаде тренерот на Баварците.
Кејн нема освоено трофеј во кариерата, во Баерн трофеите се дадени.
„Тој добро знае од каде дојде и не е првпат да се соочува со притисок. Тој е долго време во оваа работа, научи притисокот да го претвора во мотивација, а јас не се сомневам – Кејн е идеалниот човек и фудбалер за Баерн“, заклучи Тухел.