Западноафриканскиот блок ЕКОВАС е подготвен воено да интервенира во Нигер доколку не успеат дипломатските напори за поништување на воениот удар во земјата, им рече висок функционер на воените команданти кои се собраа денеска во Гана за да разговараат за ставање на воените сили „во готовност“.
Комесарот за политички прашања, мир и безбедност на ЕКОВАС, Абдел-Фатау Мусах ја обвини хунтата што го собори претседателот Мохамед Базум на 26 јули дека си игра „мачка и глушец“ со блокот со тоа што одбива да се сретне со нејзини претставници и бара оправдување за преземање на власта.
– Воените и цивилните сили на Западна Африка се подготвени да одговорат на повикот и да ја извршат својата должност – им рече Мусах на собраните началници на одбранбените штабови од земјите-членки. Тој ги наброја минатите распоредувања на ЕКОВАС во Гамбија, Либерија и други земји како примери на подготвеност.
Економската заедница на западноафриканските држави (ECOWAS) е составена од петнаесет земји-членки кои се наоѓаат во регионот на Западна Африка. Овие земји имаат културни и геополитички врски, како и заеднички економски интереси. Регионот на Западна Африка се наоѓа западно од оската север-југ и лежи блиску до 10° (меридијан) источна географска должина.
Земји-членки на ЕКОВАС се Бенин, Буркина Фасо, Зеленортските острови, Брегот на Слоновата Коска, Гамбија, Гана, Гвинеја, Гвинеја Бисао, Либерија, Мали, Нигерија, Сенегал, Сиера Леоне, Того, како и самиот Нигер.