Со пеење на химната пред зградата на Министерството за труд и социјална политика и со извици „Македонија!, Македонија!“ и „Оставка!“, „Оставка!“ пензионерите денеска побараа министерката Јованка Тренчевска да излезе и да им вети дека ќе ги исполни нивните барања за минимална пензија и линеарно зголемување на пензиите од 3.500 денари. Но и по подолго чекање ниту министерката излезе да се соочи со нив, ниту, пак, ги прими нивните претставници за лично да ги добие нивните барања.
Претставници на иницијативниот одбор пред Министерството за труд и социјална политика официјално јавно ги потпишаа барањата до институциите кои потоа ги предадоа во Министерството за труд и социјална политика и во Сојузот на здруженија на пензионери, каде што денеска го почнаа протестот.
– Министерката нека види и нека чуе дека овие луѓе не се дојдени бидејќи им е убаво, туку дека им е лошо. Вие министерке сте дојдена овде да се грижите за пензионерите. Вам не ви е лошо со плата зголемена за 78%. И се разбира ситиот не му верува на гладниот. Пензионери не можеа да дојдат овде бидејќи немаат пари. Министерке, засукајте ги ракавите и работете и изработете го она што ние го бараме – рече Драган Угриновски член на Иницијативниот одбор.
Пензионерите побараа линеарно зголемување на пензиите од 3.500 денари и минимална пензија од 18.000 денари, како и укинување на членарината во Сојузот на здруженија на пензионери и зголемување на додатоците кои им се даваат на пензионерите. Тие побараа државниот ревизор да го преиспита финансиското работењето на Сојузот на здруженијата на пензионери.
Пензионерите нема да се откажат од нивните барања и од протестите
Пензионерите, како што рекоа, се најмногу гневни на функционерите кои без никаква реакција ги зголемија платите за 78% и на раководството на Сојузот на пензионери кои не е заедно со нив, туку „протестира од канцеларија“.
– Ако тргнеме од 2018 година просечната плата 13.000 денари, порасна и минималната плата, а нашата просечна пензија е зголемена само 2.000 денари. Ние сме 178.000 пензионери со ниски пензии. Тоа е 1,75 милијарди денари месечно. Тоа е 42.000 денари годишно по пензионер. Државата даде 178 милиони евра досега само на „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорот 8. Ние бараме Владата да го почитува Законот за усогласување на пензиите, плус да даде линеарно зголемување од 3.500 денари на основицата на пензијата и одредување на минимална пензија од 18.000 денари. Сојузот на здруженија на пензионери веднаш да се укине бидејќи не ги застапува интересите на пензионерите. Да се укине членарината, нашата членарина, која ја плаќаме по 30 денари и за солидарен погреб 150 денари, значи ни земаат 180 денари. Ако нè поддржува Фондот за пензионери, ќе го префрлиме кај нив. Затоа нека бидат солидарни со нас и нека ги задоволат нашите барања – рече пензионерка од Прилеп.
Пензионерите, како што рекоа, нема да се откажат од нивните барања и протестите сè додека институциите не одговорат позитивно на нивните барања.
– Срамно е во 21 век да се гази врз достоинството на речиси 400.000 луѓе кои го завршиле својот работен век. Едноставно нѐ заборавија и нѐ доведоа до таму да излеземе на улица – рече пензионер од Велес.
Свои обраќања имаа претставниците на пензионерите од сите градови.
– Ние не се противиме на правото на пензија кое е утврдено законски според тоа кој колку издвојувал за придонеси. Ние сме против зголемувањето на пензиите да биде процентуално бидејќи ја зголемува разликата меѓу пензиите – рече пензионер од Пробиштип додавајќи дека голем број рудари поради условите за работа не добиле пензија бидејќи предвреме починале.
Пензионерите подолг период протестираат во повеќето градови во земјава, а денеска го одржаа главниот протест во Скопје. Протестот почна пред канцеларијата на Сојузот на пензионери каде што беше побарана оставка на раководството за Сојузот бидејќи не е со членството и заврши пред Министерството за труд и социјална политика.
Законски не е можно линеарно зголемување на пензиите
Од Министерството за труд и социјална политика за Плусинфо изјавија дека прашањето за воведување минимална пензија е ставено на маса и двете страни интензивно го дискутираат, но дека законски не е можно линеарно зголемување на пензиите. Оттаму велат дека се изненадени од протестите бидејќи континуирано се одржуваат средби со претставници на пензионерите на кои се дискутира за зголемување на цените, предизвиците со кои се соочуваат и потребите кои им се приоритетни.
– Дијалогот е отворен и продолжува. Една од првите мерки кои ги реализира Владата беше токму донесување на новата методологија за гарантирање на постојан раст на пензиите. Токму во соработка и континуиран дијалог со Здружението на пензионерите дојдовме до решение, а тоа е пензиите да се усогласуваат со комбиниран модел од 50 отсто пораст на просечната плата и 50 отсто пораст на трошоци на живот. После една година од нејзиното усвојување заклучокот е дека овој начин на усогласување на пензиите е најреален. Затоа што ги следи двата клучни индикатора: трошоците за живот и просечната плата. За сметка на оваа нова методологија пензиите растат во континуитет. Да потсетам дека согласно претходната методологија пензиите во месец јануари 2022 година пораснаа за 2,9 отсто. Со новата методологија пензиите пораснаа за околу 21 отсто. Во септември 2022 година – 6,8 отсто, март 2023 година – 8,4 отсто и моменталната проекција за септември 2023 година – најмалку 6 отсто. Тоа е раст на пензиите од околу 21 отсто или раст за околу 24 отсто од јануари 2022 до септември 2023 година – велат од Министерството за труд и социјала.
Според Министерството, линеарно зголемување на пензиите не е прифатливо според актуелниот закон за пензиско осигурување, но и поради фактот што никаде во светот нема таков систем на зголемување на пензии.
– Според Законот за пензиско и инвалидско осигурување нема основ за линеарно усогласување на пензиите, а такво усогласување не постои ни во земјите на нашето опкружување, ниту во пензиските системи на европските земји. Еднократното покачување од 3.500 денари не носи гаранција за стабилен раст на пензиите и сигурност на највозрасните граѓани на нашата земја. Тоа нѐ навраќа во 2014 година, кога редовното законско усогласување беше ставено вон сила и се вршеше линеарно усогласување во фиксен износ од 600 денари еднаш годишно. Во 2015 година, еднаш годишно фиксен износ 621 денар и во 2016 година, еднаш годишно фиксен износ 654 денари. Овие износи не може да се споредат со заштитата и поддршката што како Влада им ја обезбедуваме на пензионерите изминатиот период – велат од МТСП.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека во изминатиот период се донесени повеќе мерки за оваа категорија на граѓани.
– Исплатата на финансиските пакети за поддршка при справување со енергетската и економската криза кои ги исплаќавме периодот, субвенционирање на сметките за електрична енергија, воведување на проектот помош и нега во домот кој е наменет токму за пензионерите, се неоспорливи факти за нашата отвореност, флексибилност и адаптирање на системот да биде на услуга на пензионерите – велат од МТСП.
Раководството за Сојузот на здруженија на пензионери деновиве соопшти дека не е за линеарно зголемување на пензиите, но дека работи на минимална пензија која нема да го загрози пензискиот систем.
Фото: МИА