И покрај тоа што може да се каже дека најлошото помина, словенечките спасувачи имаат полни раце работа. Екипажот на полицискиот хеликоптер кој во најтешките моменти спасуваше луѓе од покривите на поплавените куќи и сега не мирува.
Во погодените подрачја се носат материјал и гориво, а две прасиња се спасени од фарма која била уништена од поплавите.
Полицијата денеска била контактирана од околината на Љубно. Една од тамошните фарми речиси целосно била уништена од разорната поплава, а на фармата преживеале само две прасиња, а полицијата сакала да ги пренесе на безбедно со хеликоптер.
Полицајците поради тоа долетале на тешко пристапното место и ги подигнале животните.
„Семејството кое во поплавите ја загуби практично целата своја фарма, штала и земјоделска механизација, а и домот им беше уништен, беше исклучително благодарно. На фармата имало и други животни, но преживеале само две прасиња и една кобила, која сама побегнала“, соопшти полицијата.
Деновиве воздухопловната единица на полицијата првенствено превезува материјал кој е неопходен за санација во опустошените подрачја.