На повеќе локации во Скопје денеска ќе бидат одбележани 22 години од загинувањето на осуммината припадници на резервниот состав на Армијата кај месноста Љуботенски Бачила.
Делегации на Армијата и на Министерството за одбрана предводени од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, ќе положат цвеќе пред спомен – обележјето на бранителот Томислав Настевски во Општината Ѓорче Петров, на споменикот на бранителите во село Волково и пред спомен – обележјата во село Љубанци.
Делегација од Министерството за одбрана и од Армијата која ќе ја предводи министерката за одбрана Славјанка Петровска, ќе им оддадат почит на бранителите на спомен обележјето во касарната „Илинден“.
Градоначалникот на Општината Александар Стојкоски информираше дека Општина Ѓорче Петров му предложила на Советот на Град Скопје пет улици во општината да бидат именувани со имињата на овие македонски херои, во најголем дел улиците на кои се наоѓаат нивните семејни куќи.
-Ова е само дел од нашите заложби во нивна чест. Жалам и секогаш ќе жалам. Сите заедно изгубивме едно брдо херојство. Тажно за нашата Македонија. Вечна слава на Ивица Златевски, Раде Јанковски, Томе Димоски, Томислав Настевски, Ацо Ангеловски, Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев и Марјанчо Бошковски и на сите македонски бранители кои одлучно застанаа во одбрана на својата земја и го положија животот за Македонија Македонија – рече во своето обраќање, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
На 10 август 2001 година воено товарно возило на патот кај месноста Љуботенски Бачила нагази на мина при што животите ги загубија Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски, припадници на резервниот состав на Армијата.