More

    Со исплата на една еврообврзница драстично паднаа државните резерви

    spot_img

    Девизните резерви на крајот на јули годинава изнесуваа 3,801 милијарди евра или помалку за 388 милиони евра во однос на претходниот месец кога достигнаа 4,189 милијарди евра. Ова е едно од поголемите намалувања на девизните резерви годинава и прашање е како тоа ќе се одрази на финансиската стабилност на земјата.

    Ова намалување на девизните резерви е резултат на отплата на еврообврзницата од 2016 година која доспеа на 26 јули годинава и веројатно е основната причина за намалување на износот на девизни резерви, кои во изминатите месеци бележеа раст.

    Плаќањето на еврообврзницата го соопшти заменик министерот за финансии Филип Николоски на Фејсбук ден по извршувањето на отплатата.

    „Вчера ја отплативме еврообврзницата од 2016 во износ од 450 милиони евра и со тоа се намали долгот за цели 3 процентни поени“, напиша неодамна заменик министерот за финансии.

    Од Народната банка велат нивото на девизните резерви е во согласност co меѓународните стандарди и е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на денарот.

    – Девизните резерви тековно се на ниво од околу 3,8 милијарди евра. Ова е едно од историски највисоките нивоа и согласно со сите меѓународни стандарди е соодветна гаранција за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот. Дополнително на располагање е и пристапот до репо-линијата од Европската централна банка во вредност од 400 милиони евра, што секако претставува дополнителен заштитен механизам којшто може да се користи доколку има потреба. Граѓаните не треба да имаат ниту најмал сомнеж дека курсот на денарот ќе остане стабилен. Политиката на девизен курс која ја води Народната банка е сидрото на финансиската и економската стабилност во земјава, како што е многупати нагласено од страна на меѓународните финансиски институции во извештаите за земјата – велат од Народната банка.

    Министерството за финансии на почеток на годината информира дека по основ на главнина и камата за сервисирање на стари долгови кон надворешни кредитори, годинава треба да исплатиме 594 милиони евра за главнина и 138 милиона евра за камати. Од нив, најголемиот дел отпаѓа на седумгодишната еврообврзница издадена во 2016 година, и за која само во оваа година треба да се исплати износ од 450 милиони евра, со камата од дополнителни 25 милиони евра. Отплатата на оваа еврообврзница требаше да се реализира до 26 јули годинава.

    Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека сегашниот износ на девизните резерви е во границите на дозволеното, но и натаму загрижува фактот што девизните резерви најмногу се финансираат од дознаките од странство кои засега се стабилни.

    – Со оглед дека моментално приливите од странство од дознаките на нашите сограѓани кои живеат и работат во странство од кои најмногу се обезбедуваат пари за девизните резерви, се на високо ниво и нема некоја причина тие да се намалат, нема некоја опасност по девизните резерви. Лани од дознаки во странство беа обезбедени околу 2 милијарди евра. Девизните резерви моментално се сигурни и во границите на потребното ниво. Народната банка ги одржува според стандардите и нема опасност за дестабилизација на државните финансии, барем во рамките на она што е функција на монетарната власт – одржување на стабилен девизен курс, зауздување на инфлацијата, покривање на трговскиот дефицит со странство… Се разбира во рамките на можностите кои ѝ се даваат на монетарната власт – вели Хајредини.

    Проблем би настанал, вели Хајредини, ако странските дознаки се намалат и се намали работата на менувачниците, а девизните резерви се остават да се потпираат само на извозот.

    – Тогаш би биле во тешка ситуација, која засега луѓето од власта не ја признаваат и за разлика од Народната банка која работи на стабилизација, ја дестабилизираат финансиската сигурност преку неконтролирано трошење на парите од Буџетот за гаснење на пожари предизвикани од незадоволството на одделни слоеви на граѓаните на земјава и се задолжуваат повеќе од дозволеното. Па така, имаме висока задолженост надвор и во земјава и веќе се гледаат проблеми во редовната отплата на обврските која се покрива со ново задолжување. Во овој дел на работа на финансиските институции немаме позначајна контрола и тоа прави проблеми во финансиската сигурност – вели Хајредини.

    Од Народната банка потсетуваат дека приватните дознаки историски претставуваат значаен дел од вкупниот девизен прилив во платниот биланс на земјата и покриваат поголем дел од трговскиот дефицит. Тие низ годините се релативно стабилна категорија на девизен нето прилив во земјата и во просек, во периодот 2005-2022 изнесуваат околу 14% од БДП, а со тоа се битна поддршка на девизните резерви и стабилноста на курсот.

    – По годишното намалување во 2020 година, поради пандемијата, кај приватните дознаки е присутен постојан тренд на раст. Во текот на изминатата година дознаките достигнаа близу 2 милијарди евра (околу 15% од БДП) и се за речиси 30% повисоки во однос на 2021 година. Овие поволни трендови продолжија и во првото тримесечје на 2023 година, согласно последните објавени податоци, така што во овој период приливите од приватни дознаки изнесуваат 425 милиони евра и се повисоки за околу 32% на годишна основа. Истовремено, последните расположливи индикативни податоци за оваа компонента, коишто се следат преку нето-откупот од менувачкото работење, за периодот април-мај 2023 година упатуваат на натамошен раст кај овие приливи – велат од Народната банка.

    Според податоците од Министерството за финансии, вкупниот јавен долг на земјава изнесува 8,275 милијарди евра што е 57,5% од домашниот бруто производ (БДП). Надворешниот долг на централната влада изнесува 4,475 милијарди евра од кои заеми се 1,375 милијарди евра и 3,100 милијарди се еврообврзници. Внатрешниот долг на централната влада изнесува 2,710 милијарди евра. Од нив 2,673 милијарди евра се долгот во државни хартии од вредност.

    Експертите велат дека земјите што располагаат со повисоки износи на девизни резерви полесно се справуваат во кризни ситуации што се покажа во периодот на глобалните финансиски и економски кризи од 2008 годинакако и за време на пандемијата на ковид-19, и лани за време на енергетската криза.

    Висината на девизните резерви се определува според посебни критериуми на Светската банка. Според нив, за државата да има оптимален кредибилитет треба да има онолку девизни резерви колку што се потребни за финансирање на тримесечниот увоз на потребите.

    Месечно во земјава се увезува стока во износ од близу 1 милијарда евра, а последниот трговски дефицит пресметан за периодот јануари-јули годинава изнесуваше 1,285 милијарди евра.

    Средствата прибрани во девизните резерви на една држава се чуваат во различни форми, а најчесто тие се депонирани во некои странски банки. Тоа се средства со кои државата гарантира дека ќе може редовно да ги исполнува своите обврски кон надворешните кредитори и меѓународни институции и служат за тековно одржување на платниот биланс. Правилното користење на девизните резерви има индиректно влијание на економските текови, преку одржување на девизниот курс на денарот и покривање на трговскиот дефицит и сл.

    Најголем дел од девизните резерви се пласираат во хартии од вредност, потоа валутите и депозитите, како и во монетарно злато.

    Во јули 63,8% од девизните резерви се пласирани во хартии од вредност, по што следуваат валутите и депозитите (25,6%) и монетарното злато (10,4%).

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img