Русија објави дека за три дена напреднала три километри кон Купјанск на североистокот на Украина, во зоната што беше повторно заземена од украинските сили во септември, а која беше цел на офанзива на руските сили во последните недели.
„Во последните три дена, руските војници напредуваа три километри во длабочина на дел од фронтот од 11 километри“, објави руското Министерство за одбрана во својот дневен извештај.
Според Министерството, станува збор за зоната меѓу селата Вилшана и Першотравнева, североисточно од Купјанск, каде пред конфликтот живееле меѓу 26 и 28 илјади луѓе.
Во средината на јули, Украина призна дека е во одбранбена позиција во областа Купјанск, каде што руската армија започна офанзива. Оттогаш Москва извести дека постепено ја презема таа територија.
Киевските сили започнаа голема контраофанзива во јуни во обид да ги вратат териториите на исток и југ окупирани од руската армија.
Досегашниот напредок сепак беше скромен бидејќи Русија изгради силни одбранбени линии, ровови, противтенковски замки и мински полиња.
Зоната Купјанска и поголемиот дел од регионот Харков беа повторно заземени од страна на Украинците од руската армија во септември минатата година по ненадејна офанзива.
Денес тоа е еден од ретките делови на фронтот каде Русија е во офанзива.