Службата за безбедност на Украина (СБУ) објави дека уапсила руски доушник „кој подготвувал руски воздушен напад во регионот на Миколаев за време на посетата на претседателот на Украина“.
Наводниот информатор „во пресрет на неодамнешното патување на претседателот на Украина во регионот на Миколаев, собирал разузнавачки информации за планираната посета“, соопшти SBU, според Си-Ен-Ен.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го посети регионот на крајот на јули.
СБУ во соопштението наведува и дека наводниот заговорник „се обидел да го одреди времето и списокот на локации на приближната рута на шефот на државата на територијата на регионот“.
Меѓутоа, агентите на СБУ добија информации за „субверзивните активности на осомничениот“ и презедоа дополнителни безбедносни мерки.
Наводно станува збор за женско лице, а по нејзините комуникации, СБУ утврдила дека таа имала задача и да ја идентификува локацијата на системот за електронско војување и магацинот за муниција на вооружените сили.
Според истрагата, таа е жител на Очаков, на југот на Украина и поранешна продавачка во воена продавница на територијата на една од воените единици на регионот.
Наводно, таа патувала низ територијата на областа и ги снимила локациите на украинските објекти.
Жената не е именувана.