Балансерот, алатката за човечки ресурси, кој го одредува процентот на застапеност на вработени во јавниот сектор од секоја етничка група, веќе не ги исполнува целите, затоа што формулата не ги одразува пописните податоци за населението кое живее во земјата.
Ова, според Левица, е наведено во Нацрт-извештајот од скрининг процесот за првиот кластер од поглавјата на Европската Унија за Македонија.
„Комисијата дополнително утврдува дека паралелните процедури за вработување (поставени за да се зголеми вработеноста на малцинставата во јавниот сектор) може да ги поткопаат принципите на ефективност и да влијаат на независноста на институциите.
Потсетуваме дека Левица, во однос на злоупотребувањето на ‘балансерот’ како главен механизам на картел партијата ДУИ за вработување на партиска војска, има поднесено иницијатива за инспекциски надзор пред една година. Тогаш, министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, спротивно на Законот за вработените во јавниот сектор, како основ за пресметка на работни места по ‘етничка’ припадност, во веб-алатката балансер го додаде и нерезидентното население.
Позитивната дискриминација по етничка припадност, која требаше да биде транзитен период, се втемели како дискреционо право на ДУИ за партиски вработувања, за што и експерти реагираат дека Рамковниот договор после 20 години – не ги исполнил своите цели“, се наведува во реакцијата на Левица, која го нарекува балансерот „најзлоупотребуваната алатка на необалистите од ДУИ“.
Левица се залага за укинување на рамковниот „балансер“, за кој смета дека е „главен извор на етничката поделеност помеѓу граѓаните, и воведување на т.н. социјална позитивна дискриминација при вработување во јавниот сектор, односно предност за вработување да имаат кандидатите кои доаѓаат од социјално-загрозени семејства.“
Забелешките на ЕК, според Левица, се однесуваат и на злоупотребата на т.н. „европско знаменце“ и дека власта ги нема земено предвид препораките на Венецијанската комисија во однос на, како што велат, „противуставната двојазичност, која ја воведе СДС за задоволување на големоалбанските апетити на шовинистичките албански партии.“