Бугарската „Фондација Македонија“ планира во септември да отвори новинарско студио во Скопје од каде ќе емитува онлајн телевизија.
„Нашите медиуми во Северна Македонија стануваат 5. Во септември планираме да отвориме студио во Скопје, од каде ќе се емитуваат нашите програми и вести за нашата онлајн телевизија во Македонија“, соопшти Фондацијата преку нејзиниот профил на Фејсбук.
Фондацијата повикува секој да ѝ донира колку што може.
„Благодариме и заедно ќе ја подобриме ситуацијата на Бугарија во Северна Македонија“, се додава во објавата на Фејсбук на Фондацијата.
– Донациите се од активисти граѓани на Бугарија. Немаме некој голем инвеститор кој вложува сам во овој медиуми проект. Како активност во организација, ова е наша посебна работа да развиваме македонски медиуми во кои ќе работат македонски новинари кои ќе бидат мост на пријателство помеѓу двата народа, како што сум забележал дека има такви објективни кои не заземаат ниту една страна. Имаме два медиумa во моментов, подготвуваме уште три и сите тие ќе бидат онлајн – изјави првиот човек на Фондацијата, Виктор Стојанов за порталот „А1он“.
Фондацијата планира да снима видеа, подкасти и интервјуа.
– Планираме да отвориме новинарско студио во кое ќе имаме видеа, подкасти и тоа ќе оди онлајн, односно нема да биде класичен радиодифузер. Сега за сега медиумите ќе бидат дневно политички со вести од регионот. Но во блиска иднина ќе отвориме два портала за здрава храна и спортски портал кој ќе биде регионален со цел да го обединуваме Балканот на спортски начин. Ќе има вести од Албанија, Македонија, Србија и од Бугарија – открива Стојанов.
„Фондација Македонија“ објави дека деновиве ќе преземе фудбалски тим од Македонија со поддршка од 15.000 евра за целата сезона и дека со тој буџет ќе се овозможи тимот од трета да се рангира во втора лига.
Претходно, пропадна обидот на Фондацијата да влезе во најтрофејниот клуб „Вардар“ за кој Стојанов испратил понуда за купување од 300.000 евра преку бугарска компанија. Раководството на клубот веднаш ја одбило понудата и нагласило дека „Вардар не е на продажба“.