Чешките власти го запленија имотот на рускиот бизнисмен Владимир Евтушенков, сопственик на компанијата „Система“, објавија локалните медиуми.
Евтушенков на крајот на јуни беше вклучен на листата на санкции, а неговиот имот во Карлови Вари беше проценет на повеќе од 20 милиони долари, пренесува Ведомости.
Според чешките медиуми, блокирани се сите сметки на рускиот бизнисмен, а ограничено е работењето на неговиот хотел „Савој Вестенд“ во Карлови Вари. Вредноста на хотелот се проценува на околу 4,6 милиони долари.
Моментално во хотелот можат да престојуваат само оние кои платиле за престој до крајот на јули, управата на хотелот предупреди дека вработените може да останат без работа.
Евтушенков е под санкции од Велика Британија од пролетта 2022 година, а во април оваа година Лондон воведе рестриктивни мерки против семејството Евтушенков, неговата сопруга Наталија, синот Феликс и ќерката Татјана.