Поранешниот каталонски премиер Карлес Пуџдемон, чија сепаратистичка партија Заедно за Каталонија (JxCAT) зависи од формирањето влада во Шпанија, во саботата изјави дека неговата партија ќе гласа за актуелниот шпански премиер Педро Санчез само доколку има договор за решавање на „конфликтот меѓу Каталонија и Шпанија“.
Пуџдемон, кој е во егзил во Белгија од есента 2017 година, на Твитер објави дека седумте гласови на партијата Заедно за Каталонија нема да бидат условени со подобрување на неговата лична состојба. Канцеларијата на државниот обвинител на Шпанија бара негова екстрадиција за да му се суди во Мадрид за организирање на забранет референдум за Каталонија пред шест години.
Десниот блок партии доби 172, а левиот блок предводен од Санчез 171 пратеник на парламентарните избори одржани пред една недела. За да се формира влада, потребни се 176 претставници во 350-члениот парламент до кој ниту еден блок не може да дојде.
Мнозинството можат да донесат седум претставници на партијата Заедно за Каталонија.
„Кој мисли дека притисокот или директната политичка уцена ќе добие некаква тактичка корист, греши“, напиша Пуџдемон. „Но, неопходно е да се преговара за условите под кои мора да се реши конфликтот меѓу Каталонија и Шпанија“, додаде тој.
И покрај тоа што во изјавата не кажа јасно, Пуџдемон и партијата Заедно за Каталонија бараат договорен референдум за независност на Каталонија, автономна покраина со 7,5 милиони жители на североистокот на земјата. Минатата недела таа партија како услов ја спомена и „амнестија“ на осудените и обвинетите членови на поранешната каталонска влада.
Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) на Санчез соопшти дека е подготвена да разговара со партијата Заедно за Каталонија, но само „во рамките на шпанскиот устав“. ПСОЕ и шпанскиот Уставен суд уште порано изјавија дека ваквиот референдум не е во согласност со уставот.
Без поддршка од партијата на Пуџдемон, Санчез не може да добие нов четиригодишен мандат.
Дури и десничарскиот блок не може да формира влада без негова поддршка, но Пуџдемон немаше намера да ја поддржи шпанската десница, која остро се противи на референдумот и бара негова екстрадиција од Белгија.
Следниот месец централно-десничарската Народна партија, која поединечно освои најмногу гласови, ќе се обиде да добие доволно гласови во парламентот за да формира влада. Ако не успее, PSOE ќе се обиде. Доколку Шпанија не добие нова влада до октомври, повеќе од 37 милиони гласачи ќе излезат на нови избори.