More

    Пендаровски им додели орден на заслуги на Влатко, Бодан, Кокан и на Гаро

    spot_img

    Претседателот Стево Пендаровски вечерва на свечена церемонија во Вила Водно ги одликуваше Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Влатко Стефановски и Гарабет Тавитјан со Орден за заслуги за Република Северна Македонија.

    Во своето обраќање на церемонијата Пендаровски истакна дека „меѓу бројните, несоборливи докази за тоа кои сме ние Македонците, доволно е да го цитираме музичкото творештво и наследство на „Леб и сол“ кои и во 21-от век продолжува да ги инспирира музичарите да истражуваат нови предели додека ги почитуваат сопствените корени“.

    – Вечерва ве пречекавме со леб и сол, традиција која постои не само кај нас, туку и кај многу други народи, нордиски, балтички, кај Евреите, кај Албанците, кај балканците и секаде каде што постои таа традиција таа означува една иста работа – а тоа дека гостите се добредојдени. Само кај нас во македонскиот јазик тој израз има и друго посебно значење. Имено, кај нас леб и сол означува култ, категорија, институција со наднационално значење и вонвременски карактер. Зборуваме за музиката, опусот, животното дело на Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски и Гарабет Тавитјан – рече Пендаровски во своето обраќање.

    Претседателот додаде дека зборуваме за национално наследство кое е одамна впишано во културната и социјална ДНК на нашата држава, на македонскиот народ и на сите наши граѓани.

    – Вечерва сите ние присутни овде сме дојдени да искажеме почит и да се заблагодариме на нашата скопска четворка за тоа што ја прославија државата високо на глобалната карта на уметнички достигнувања. Вашата музика, драги лауреати, во дамарите на македонската душа има митски димензии затоа што претставува културно наследство со кое се идентификуваа и растеа, и сѐ уште растат и живеат генерации Македонци – нагласи Пендаровски.

    Тој истакна дека уште од нивниот прв албум објавен далечната 1978 година, „Леб и сол“ беа дефинирани како неприкосновени инструментални виртуози и пионери во она што критичарите го нарекоа „world music fusion„ – комбинирајќи рок, џез и традиционални македонски ритми, при тоа, создавајќи музика која далеку ги надмина границите на времето.

    – Пред речиси половина век, „Леб и сол“ се етаблираа во национална гордост и категорија, статус кој без напор го одржуваат низ годините, сѐ до ден-денешен. Во 1990-тите, членовите на групата започнаа и солистички кариери, соработувајќи со исклучителни музичари од целиот свет, проширувајќи ги музичките хоризонти, но, останувајќи верни на етничкото наследство и националниот дух без кои не можете да оставите белези на глобален план – кажа Пендаровски.

    Последниве години, нагласи Пендаровски, испровоцирани од оние кои не се сигурни за сопствениот идентитет, многу време залудно трошиме во дебати за националниот идентитет на нас, Македонците, иако тој е заокружен од дамнешни времиња.

    – Во таа смисла, меѓу бројните, несоборливи докази за тоа кои сме ние Македонците, доволно е да го цитираме музичкото творештво и наследство на Леб и Сол кои и во 21-от век продолжува да ги инспирира музичарите да истражуваат нови предели додека ги почитуваат сопствените корени. Прашајте кој било млад човек кога за прв пат навлегува во светот на музиката, дали знае за гитарското интро на Влатко во „Бистра вода“, фретлес бас-линиите на Бодан во истата нумера, аранжманите на Кокан во „Учи ме мајко, карај ме“ или седумосминските ритми на Гаро кога тапанот ќе грмне со подземен екот. Патувањето на „Леб и сол“ од Скопје до меѓународно призната музичка постава е доказ за моќта на нивното креативно изразување кое далеку ги надминува националните граници. Преку специфичните миксови на наследството на нашата нација со планетарните музички влијанија, „Леб и сол“ не само што го збогатија културниот идентитет на македонското општество, туку, дадоа суштински придонес и за развојот на музиката и на глобално ниво – заклучи Пендаровски во своето обраќање.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img