Еден член на екипажот загина, а најмалку 16 се повредени во пожарот што избувна на товарен брод на околу 27 километри северно од холандскиот остров Амеланд.
Холандската крајбрежна стража соопшти дека пожарот на бродот „Fremantle Highway“ се уште гори и излегува од контрола. Бродот долг 200 метри, кој бил на пат од Бремерхавен, Германија, кон Порт Саид, Египет, носел 3.000 автомобили, од кои 25 електрични.
Холандските медиуми јавуваат дека на бродот имало 23 членови на екипажот. Крајбрежната стража соопшти дека екипажот се обидел сам да го изгасне пожарот, но не успеал бидејќи огнот се проширил многу брзо и на крајот бродот морал да биде евакуиран.
Седум членови на екипажот скокнале преку бродот, а останатите биле евакуирани со хеликоптери на крајбрежната стража.
– Тоа е многу голем пожар со многу чад. Беше многу сериозна ситуација на бродот. Капетанот одлучува дали да се евакуира или не. Во еден момент ситуацијата била толку страшна што било одлучено да скокне од пловилото. Во водата имало спасувачки единици кои ги извлекле членовите на екипажот – пишува холандски Телеграф.
Портпаролот на крајбрежната стража наведува дека е тешко да се стави под контрола пожарот на море, особено затоа што никој не може да се качи на бродот за да го изгасне.
– Ако навлезе многу вода во бродот, ќе биде тешко да се спаси – рече портпаролот и додаде дека гаснењето на електричните автомобили не е лесно и дека се прават напори пожарот до одреден степен да се стави под контрола.
Едно сценарио е дека бродот ќе потоне. Пожарот е тешко да се стави под контрола, а бродот е веќе доста навален. Неколку спасувачки бродови се на пат во обид да ја стават ситуацијата под контрола доколку товарниот брод потоне.