Земјата се наоѓа на критичната точка и секој кој сака да види напредок треба да преземе одговорност, изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи во денешното гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, соопшти МНР.
Иднината на државата не е одговорност само на Владата, туку на сите кои се согласуваат дека земјата треба да биде дел од Европската Унија. За таа цел, според Османи, потребно е формирање европски фронт кој ќе ја преземе водечката улога на тој пат и ќе биде повеќе од водење дневна политика.
– Сега е време кога треба да носиме одговорност за овој народ, одговорност за оваа држава, бидејќи на краjoт на денот политиката е пред сè услуга и еден вид одговорност кон луѓето кои ви ја дале довербата. Сега е време на фронтот за Европа. Да се одржи овој курс, да се достигне оваа точка и штом ќе ја поминеме оваа точка која е неповторлива, потоа нека се организира политичката сцена како што сака, тоа е во моментов помалку важно – истакна Османи.
Во таа насока, Османи вели дека многу поправедно би било опозицијата да ги изнесе јасно своите ставови дали е за или против ЕУ и која е друга алтернатива што ја нудат.
– Што е она што го нуди опозицијата? Дали е тоа Евроазиска асоцијација, на пример? Само така би биле фер кон гласачите. Но, доколку тврдите дека ја сакате европската иднина на државата, патот кон Европа е ова. Не е овој пат само за нас, вака било за секоја држава – вели Османи.
Коментирајќи ги изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и ставот на партијата дека нема да ги поддржи уставните измени, Османи вели:
– Тоа е само популизам. Неменувањето на Уставот ја фаворизира каузата на бугарските радикали на два начина. Прво, секој ден сè повеќе доцниме во ЕУ, Македонци добиваат бугарски пасош, за да земеш бугарски пасош треба да се изјасниш во Софија дека си по потекло Бугарин. Нема поголема бугаризација од вадење пасош, бројката стигнува до 100.000, како резултат на доцнење на интеграциите. И второ, интегрирањето на Бугарите во Уставот е формализирање на тоа дека станува збор за два различни народа. За прв пат во Уставот ќе го имаме македонскиот народ како мнозинство и дел од бугарскиот народ како малцинство.