„Страшно невреме проследено со бурен ветер, силен град, интензивен пороен дожд и силни електрични празнења пред нецел час го зафати Пробиштип“, објави метеопрогнозерот Славчо Поповски на социјалната мрежа Инстаграм.
Тој објави и видео направено кај Аква-паркот во Пробиштип, а на кое се гледа како луѓе со чадори во раце бегаат од силниот град.
Освен Пробиштип, Кратово, Кочани и Виница, страшно невреме ја зафати и Скопската Котлина, а најстрашно беше во скопските населби Ченто, Чаир и Драчево.
Во скопската населба Ченто има повеќе скршени дрвја од силниот ветер, додека во Драчево паѓале топки град со големина на орев.
Страшна е сликата и во Чаир, каде што исто така има паднати дрвја, а оштетени се и возила.
Последици од невремето има и во Општина Бутел, па општинските работници работат на најкритичните места и расчистување на паднатите дрва и наносите.
Инаку, УХМР најавува дека утре ќе биде претежно сончево и многу топло. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 21, а максималната ќе достигне од 33 до 40 степени. УВ индексот ќе изнесува девет.
Во Скопје сончево и многу топло со слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне 38 степени.
„До среда ќе се задржи многу топло време со високи утрински и дневни температури, како и многу висок УВ индекс. Најтопло ќе биде во вторник и во среда, кога ќе дува засилен југозападен ветер. Значителна промена ќе има во четврток, кога ветерот ќе се промени во северен, а дневната температура ќе се намали за десетина степени“, прогнозира УХМР.