Владата на Северна Македонија стави крај на политичките уцени од страна на луѓето кои треба да им служат на граѓаните, и за 130 илјади вработени обезбеди повисоки плати и системско решение за нивните плати, изјави заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи во неговото гостување во емисијата „Тема на денот“ на Сител телевизија.
„Во општиот колективен договор имаме методологија со која за првпат тука во регионот, платите во јавниот сектор ќе се индексираат согласно растот на просечната плата“, рече вицепремиерот Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи изјави дека е задоволен од постигнатото, бидејќи тоа е резултат на еден макотрпен дијалог кој траеше подолго време.
„Ние се обидовме година дена да ја вратиме довербата на дијалогот, и ова е успех на дијалогот, конструктивниот дијалог со синдикатите“, изјави Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи се осврна и на измените на законите за извршување, за облигациски односи и за финансиски друштва.
„Конечно имаме праведност и правичност кон секој еден граѓанин. Сметаме дека одамна требаше да се направи едно такво решение, каматата да не може да го надмине основниот долг и застарувањето на долговите да биде со пократок временски период. Сметам дека тоа на што се става крај е своеволието, а на крај, граѓанинот да го плати подебелиот крај и затоа сметам дека ова е правично решение за сите нас“, изјави Битиќи и додаде дека дополнително се става крај и на таканаречените брзи кредити.
„Имаше изјави дека они играа со каматите, не е вистина, они играа со дополнителните трошоци“, изјави Битиќи.
Во неговото гостување во емисијата „Тема на денот“, вицепремиерот Битиќи се осврна и на данокот на солидарност кој се воведува преку Законот за солидарност, за кој рече дека таргетира околу 150 компании во државата.
„Токму овие 150 компании имаат услови како се аплицира данокот. Тоа се однесува само на овие компании кои што успеале во последната 2022 година или во просекот на трите години наназад да генерираат после сите признаени трошоци, реинвестирана добивка, успеале да направат профит поголем од 20 отсто и таа разлика се оданочува со дополнителна стапка на данок“, изјави Битиќи.