Во март 2020 година до Владата во Македонија официјално е поднесено „Формално известување“ за иницирање на процес на активни консултации во предвидениот рок од шест месеци пред покренување меѓународна арбитражна постапка. Ова „Формално известување“ е последен формален и правен чекор пред отпочнување арбитражната постапка, објаснуваат од Еуромакс ресоурсес по интересот во јавноста за правната основа за покренување на меѓународна арбитража поради незапазување на обврските од надлежните институции и непочитување на правосилните судски одлуки поврзани со проектот за отворање на рудникот за бакар „Иловица-Штука“.
„Писмото, изготвено од меѓународни правни експерти специјализирани за меѓународна арбитража е всушност последното предупредување до Владата, кое во практика претставува обид за ‘партнерски начин’ за решавање на административниот спор, кој го создадоа надлежните власти.
Обидот за спогодба меѓу двете страни, како и основот за покренување на меѓународната арбитража, се темелат на билатералната спогодба на Федералниот совет на Швајцарија и Владата на Република Северна Македонија – ‘Договор за поттикнување и взаемна заштита на инвестициите’. Оваа спогодба двете земји ја имаат усвоено на 26 септември 1996 година. Групацијата Трафигура, кој е мнозински акционер кој има пакет на управување во Еуромакс Ресоурсес, е правно лице кое има право на заштита на инвестициите согласно билатералната спогодба“, се наведува во објаснувањето од Еуромакс.
Согласно член 10 став 1 од билатералната спогодба, кога ќе настане спор меѓу заштитените инвеститори и Република Северна Македонија, ќе се одржат активни консултации меѓу засегнатите страни со цел спорот да се реши на „пријателски начин“. Понатаму, доколку консултациите не резултираат со решавање на административниот спор, спогодбата предвидува дека инвеститорот може да поднесе барање за решавање на спорот до Меѓународниот центар за решавање на инвестициски спорови (ICSID) или ад-хок судот воспоставен во согласност со арбитражните правила на Комисијата за меѓународно трговско право на Обединетите Нации (UNCITRAL). Овој механизам за решавање на спорови, како што е утврдено во член 10 од билатералната спогодба, е договорен за страните во спорот да имаат можност да ги решат своите разлики по пат на преговори, наместо скапи и долготрајни меѓународни процеси.
„Еуромакс ресоурсес трпеливо даде можност во нормална, но за жал долготрајна судска постапка пред управните судови во Македонија, да се дојде до легитимно правно решение. Очекуваме Владата на Република Северна Македонија доследно да го почитува принципот на владеење на правото и да ги примени одлуките на домашните судови. Еуромакс ресоурсес останува доследна на принципот дека ќе ги исцрпи сите домашни правни механизми за да ја реализира инвестицијата со добра волја и чесни намери. Сепак, доколку увидиме дека на прашањето на нашата инвестиција повторно се напаѓа владеењето на правото како уставно загарантирана темелна вредност, тогаш ќе бидеме принудени да покренеме соодветна постапка пред Меѓународната Арбитража во Вашингтон, САД, без понатамошни одложувања. Првичните проценки се дека вкупните штети кои потенцијално ќе се наплатат од Буџетот изнесуваат повеќе од 1 милијарда евра, без пресметани камати“, се додава во соопштението од Еуромакс ресоурсес.