Од ОТА тврдат дека не го набавиле ниту го користеле „Предаторот“

Lorita
By Lorita 2 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Оперативно-техничка агенција (OTA) ja уверува јавноста дека не го набавила, не го користела и не го користи софтверот „Предатор“. Агенцијата смета дека е малициозна намерата да се направи било каква поврзаност на ОТА со настаните во Грција, а особено кога тоа е веќе јавно демантирано.

„За жал и покрај јавните објави и деманти од страна на ОТА, продолжува трендот на манипулирање на јавноста со свесно креирање и објавување на невистинити содржини од политички центри на моќ и нивно пласирање во дел од медиумите. Во оваа прилика уште еднаш повторуваме и со сигурност уверуваме дека од страна на ОТА не е набавен, не се користел ниту се користи споменатиот софтвер „Предатор“ и малициозна е намерата да се направи било каква поврзаност на ОТА со настаните во Р Грција, а особено кога истото е веќе јавно демантирано“, се наведува во реакцијата од Агенцијата.

Оттаму потсетуваат дека по спроведувањето на реформите во делот на следењето на комуникациите и формирањето на ОТА како самостоен и независен државен орган, основна мисија и цел на Агенцијата е придонесување кон враќање на изгубената доверба на јавноста кон еден особено чувствителен институционален сегмент.

„Во таа насока ОТА посветено работи на воспоставување на законски, безбеден, ефикасен и контролабилен систем за следење на комуникациите. Со воспоставените механизми на заштита од страна на ОТА, следењето на комуникации без издадена судска наредба во Република Северна Македонија е минато и масовно следење не е и нема да биде возможно. Во насока на заштита на јавниот интерес, апелираме на одговорно постапување од страна на сите чинители, како и на промптно институционално постапување за што веќе е известено Јавното обвинителство“, се додава во реакцијата од Оперативно-техничката агенција.

Share This Article