Загрижувачки е што сите информации кои излегоа во јавноста од меѓународните истражувачи кажуваат дека софтверот за следење на комуникациите Предатор бил незаконски развиен во Скопје од страна на компанијата Сајтрокс и комплексна мрежа од фирми поврзани со израелски бизнисмен. Зошто ЈО молчи за ваквиот скандал? Дали шпионскиот софтвер е набавен со амин на Ковачевски и дали истиот е користен за незаконско шпионирање на граѓаните? Каква е поврзаноста на СДСМ и ДУИ со израелско-македонската фирма, која сега е на црната листа на САД – праша ВМРО-ДПМНЕ во соопштение.
Партијата потсетува дека САД ја ставија на црна листа фирмата Сајтрокс, која во Скопје го развивала шпионскиот софтвер Предатор, за кој канадската универзитетска организација Ситизен Лаб откри дека се користел за незаконско следење на граѓани.
Причината за ставање на црната листа, како што се наведува, е нарушување на сајбер-безбедноста. САД сметаат дека фирмата користела софтвер за да добие пристап до информациски системи, а со тоа, ја нарушувала безбедноста на поединци и организации ширум светот.
„Грчки медиуми тврдат дека македонската ОТА незаконски го поседува и користи контроверзниот софтвер за следење на интернет активности Предатор. Овој софтвер, кој има капацитет да ги следи сите интернет активности на сите граѓани во Македонија, е веќе подолго време во фокусот на јавноста во регионот и пошироко, па дури и НАТО го смета за проблематичен.
Да биде скандалот поголем, на пратенички прашања Димитар Ковачевски одговори дека шпионскиот софтвер Предатор не е користен во Македонија. Од друга страна грчките медиуми кажуваат нешто друго, а Владата, МВР и ОТА упорно молчат и ја прикриваат темата.
Тоа може да значи дека Ковачевски излажал и дека може контроверзниот софтвер се злоупотребува за прислушкување и следење на граѓаните во Македонија.
ОЈО молчи како мачка да им го прегризала јазикот. Ова се сериозни индиции кои треба да се проверат и истражат, бидејќи се работи за потенцијално кршење на човекови права на граѓаните.
Имајќи ја предвид можноста на овој софтвер буквално сите граѓани може да бидат жртви и нивната приватност да биде нарушена. За оваа афера мора да има одговори, бидејќи после промената на власта сето тоа ќе се провери и открие, а во случај да имало злоупотреби тогаш ќе има одговорност и за тие кои злоупотребувале, но и за тие кои тоа го прикривале и штителе“ – се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.