Кога станува збор за употребата на сите видови беспилотни летала и соодветните ограничувања, вклучително и во врска со TБ-2 Бајрактар, командантот на КФОР ја има главната одговорност за воздушниот простор над Косово, соопштија силите на КФОР еден ден откако косовскиот премиер во неделата се пофали дека ги набавил дроновите од Турција.
Покрај сликите со дроновите Курти напиша:
„Во нашиот воен арсенал додадовме беспилотни летала TБ-2 Бајрактар што ги купивме од Турција“, задоволно изјави Албин Курти, додавајќи:
„Косово сега е побезбедно и исто толку гордо!“
Албин Курти оваа недела во Брисел треба да се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ, каде двете страни се под силен притисок од Европската унија да ги намалат тензиите. Брисел и Вашингтон му порачаа на Курти да спроведе нови избори на северот на Косово во кои ќе учествуваат Србите, да ги намали полициските сили и други услови, а во спротивно најавија санкции за Приштина.
Во меѓувреме Курти како „со ладен туш“ ја одби поканата на албанскиот премиер Еди Рама да присуствува во Тирана на подговителниот состанок за самитот на Берлинскиот процес.
Лидерот на партијата Алијанса ново Косово (АКР), поранешниот претседател на државата, Беџет Пацоли смета дека незаминувањето на премиерот Албин Курти на балканската лидерска средба во Тирана, свикана од премиерот на Албанија, Еди Рама, е радосна вест за Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Шпекулациите кои се непроверени дека иницијативата Отворен Балкан станува минато и дека полека се заменува со Берлинскиот процес поради случувањата на Косово станаа сè погласни во медиумите. Во Македонија, партиите Алијанса за Албанците, БЕСА и фракцијата на „Огнените“ во ДУИ се против учеството на земјата во оваа иницијатива.
На вчерашниот неформален состанок во Тирана кој се одржа денеска присуствуваа и премиерот Димитар Ковачевски, на Србија, Ана Брнабиќ, на Црна Гора, Дритан Абазовиќ и на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто. По средбата Рама откри дека во тек подготовка на финансиски пакет за сите земји од Западен Балкан, но како што одговори на новинарско прашање сеуште не се знае колку ќе тежи фондот и која земја колку ќе добие.
– Имајќи ја предвид оваа последица( од енергетската криза во Украина и од пандемијата) и сите предизвици кои денес се споделуваат колку што се засебни, се обидовме да создадеме друг пристап, па паралелно со преговарачкиот процес да имаме дополнителна поддршка за земјите од Западен Балкан. Ова почна да се оформува и се подготвува нов план за поддршка, Западен Балкан може да отвори некои патишта за интеграција во европскиот обединет пазар без да го чека влезот во Европската унија. Помалку или повеќе, ова е прегледот на денешниот ден – изјави Рама.
На средбата беше присутен и Оливер Вархеји, евркомесарот за проширување за Западен Балкан.
Инаку, Албанија ќе биде домаќин на Самитот на Берлинскиот процес на 16 октомври годинава.