Полицијата е збунета од мистериозната „неидентификувана“ купола што се измила на плажа во Западна Австралија.
Џиновскиот метален предмет го пронашле локалното население на плажата Грин Хед, околу 250 километри северно од Перт.
Државните и федералните власти го истражуваат објектот, за кој моментално не се верува дека е од комерцијален патнички авион. Тој се третира како опасен, а полицијата побара од луѓето да се држат на безбедно растојание, јавува Би-Би-Си.
„Ние сме активно вклучени во заеднички напори со различни државни и федерални агенции за да се утврди потеклото и природата на објектот“, се вели во соопштението на локалната полиција.
Жителите велат дека цилиндерот е широк околу 2,5 метри и долг меѓу 2,5 и 3 метри, објави Австралиската јавна телевизија.
Иако се шпекулираше дека цилиндерот можеби бил дел од MH370 – авионот што исчезна кај западниот брег на Австралија во 2014 година со 239 патници, експертот за воздухопловство Џефри Томас ја отфрла таквата можност.
„Тоа не е кој било дел од Боинг 777 и фактот дека MH370 беше изгубен пред девет и пол години покажува многу повеќе абење на отпадот“, рече тој.
Австралиската вселенска агенција соопшти дека џиновскиот цилиндар можеби паднал од „страната на вселенската ракета“ и ќе се поврзе со други меѓународни агенции.