Дежурните лекари инфирмираат за зголемен бројот на повици за итни случаи во здравствените домови на Куманово и Липково изминатата недела. Екипите на итната помош во текот на работните денови од изминатата недела зачестено интервенираат на колапси, сообраќајни несреќи, а во оваа бројка не се вметнати интервенциите на хронично болните лица.
Доктор Катерина Ивановска од Итна помош Куманово, информираше дека речиси секојдневно по неколку пати во денот интервенираат на колапси.
– Се случува да интервенираме на колапси по неколку пати дневно на отворено, но и во затворени простории каде има фреквенција на луѓе. Пациентите, особено повозрасните мора особено да внимаваат и да ги почитуваат мерките, носење лесна облека, движење пред 10 и после 17 часот, доволно внесување течност, изјави Ивановска за МИА.
Итна помош Куманово покрива огромна површина, градот Куманово со околу 100.000 жители, околината и гранични премини каде во периодот има зголемена фреквенција на патници и автопати.
И Итна помош Липково регистрира зголемен број повици, особено колапси.
– Можам да кажам дека за околу 30 проценти е зголемен бројот на повици од почетокот на топлотниот бран. Важно е да се почитуваат препораките, вели доктор Мухамед Муслиу од Итна помош Липково.
Во двете општини од почетокот на топлотниот бран зголемен е и бројот на интервенции на сообраќајни незгоди, а во Куманово почести се интервенции на сообраќајки во кои учесници се помлади возачи на мотори.
Лекарите препорачуваат да не се излегува надвор во периодот од 10 до 17 часот, престојот на отворено да се сведе на минимум, да се најде можност да оди под сенка. Граѓаните треба да носат светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да е коритат заштитни очила и капа, како и крем со висок заштитен фактор. Препорака до во овие жешки летни денови е да внесуваат поголема количина течност, особено вода и да консумираат лесна храна базирана на овошје и зеленчук.